Аврамоска: Kривична одговорност од директоритe на ЈП кои незаконски ги оштетиле нивните буџети

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески одржаа прес-конференција по повод долговите на Општината и Јавните претпријатија кои ги остава претходната власт. Модераторот на Левица и советник во Општина Охрид, Виолета Аврамоска во врска со оваа тема, преку својот фејсбук профил се обрати на јавноста, барајќи одговорност за овие постапки.

Во прилог ви го пренесуваме нејзиното обраќање.

„Како советник од Левица во Советот на Општина Охрид се согласувам со транспарентното известување од страна на градоначалникот на охридската јавност во врска со долговите во кои претходната локална власт ја остави општината, но не слушнав ништо во врска со она што сите ние како охриѓани, сакавме да го слушнеме: Дали ќе има одговорност за сите оние кои работеле незаконски?

Левица – Охрид бара кривична одговорност од сите директори на ЈП кои со своето незаконско работење ги оштетиле јавните претпријатија и од претседателите и членовите на Управните одбори, бидејќи управните одбори не се само декор во ЈП.

Бараме одговорност и кривични пријави и за директорите на ОУ ,,Христо Узунов” , ОУ ,,Григор Прличев” и ОУ ,,Климент Охридски”.

Левица – Охрид бара кривични пријави и одговорност за поранешниот градоначалник и неговите соработници кои се инволвирани во ваквото незаконско работење и криминал со што Општина Охрид е оставена во долгови од 22 милиони евра.

Левица – Охрид бара ревизија на работењето на сите градоначалници во Охрид од осамостојувањето до денес.

Криминалот мора да се обелодени со име и презиме. Одговорност мора да има. Не смееме повеќе да дозволиме постојано да се амнестирате од одговорноста едни со други, како што до сега беше пракса во Охрид. Општината со децении тоне во долгови, но ниту еден директор на ЈП и ниту еден градоначалник до сега не одговарал кривично поради тоа. Секако цената за нивното незаконско работење ја плаќаат работниците и граѓаните на Охрид.

Ваквата пракса мора да престане. Охриѓани заслужуваат чесни луѓе на власт.“