Актерот Стефан Петровски: Спиро Чорогунов кој го тепаше татко ми сега нè тужи нас
Актерот Стефан Петровски и сопственик на кафе барот „Гарсон“ во центарот на Скопје, тврди дека целото негово семејство е под огромен психолошки стрес и доживува траума, затоа што неговиот татко, Бранислав Петровски откако беше претепан и му беше скршен черепот, сега добил и приватна кривична тужба од истиот бизнисмен кој на суд го признал тепањето. Згора на се, претепаниот човек, со години се бори со канцер и прима хемотерапија.
„Инаку татко ми утре е на суд по приватна кривична од Спиро Чорогунов. Човекот кој е сопственик на Караорман Ад, Сваровски, хотелите Александар и Ројал Хаус. Човекот кој сакаше да ни го земе кафичот и кој крвнички го претепа татко ми додека беше под хемотерапија сега не тужи дека имал гребаница на врат. Извадил лекарско 4 месеци по настанот од докторка на детска хирургија. Најверојатно тужи дека малку тепал..Би ги замолил сите медиуми кои не се плашат да ме подржат бидејќи водиме битка и со правда, со болести и со ментално здравје.” – напиша Стефан на својот фејсбук профил.
Кривичниот суд Скопје, врз основа на признание на вина, го осудил Чорогунов три години условна казна, затоа што со умисла тешко телесно го повредил Бранислав Петровски додека тој со џогер го чистел плочникот пред својот бизнис. Тогаш бизнисменот ја зел в раце металната табла пред дуќанот и му ја фрлил до влезот. Потоа Бранислав Петровски му се обратил со зборовите „Ти не си тој што треба да ми каже дали треба да поставам реклама или не“. Потоа, според пресудата, бизнисменот почнал да го удира со тупаници по главата и лицето, по што Петровски се здобил со набијна повреда, скршеница на јаболчната коска, скршеница на синусот со крвен излив на него, крвен подлив под левото око и истекување на течност низ носот.
Во пресудата пишува дека бизнисменот се кае и дека му е жал што се вовлекол во таква состојба и изречена му е условна казна од три години. Меѓутоа, само неколку месеци подоцна, бизнисменот приватно кривично решил да го гони истепаниот Бранислав Петровски. Притоа, како што тврди синот на претепаниот скопјанец, Стефан Петровски, – бизнисменот бил и да извади лекарско уверение кое се однесува за истиот настан, и тоа го направил месеци откако настанот завршил.
Извор: Слободен Печат