Минатата седмица беше објавен триесеттиот број од списанието „Филозофска трибина“ коешто го издава Филозофското друштво на Македонија.
Во ова издание можат да се најдат 8 авторски текстови на различни релевантни философски теми од: проф. д-р Денко Скаловски, проф. д-р Ристо Солунчев, вонреден проф. д-р Јасмина Поповска, доцент д-р Куштрим Ахмети, д-р Лазар Фотев, м-р Александар Симоновски, м-р Ведран Диздаревиќ и м-р Тони Димитров; превод на еден дел од Воведот на „Естетиката“ од Николај Хартман, од страна на д-р Трајче Серафимовски; 3 текстови во рубриката Студентски форум од колегите студенти: Љубица Покупец, Андреј Лазаревски и Никола Ристевски; победничкиот текст на Христијан Милановски од Конкурсот за најдобар есеј во рамките Средношколската видео лектира 2020 (дел од Едукативната програма на 10. Филозофски филмски фестивал), поместен во рубриката Средношколски форум; приказ на книгата „Збирка есеи од кинеската филозофија“ на вонреден проф. д-р Александар Стаматов, од страна на проф. д-р Ана Димишковска. Во рубриката Филозофски живот можат да се најдат прилози со информации за филозофските настани и новопојавените филозофски наслови меѓу две „Трибини“, како и поширок осврт кон 11. Филозофски филмски фестивал.
За жал и овој број започнува со пригоден комеморативен текст, овојпат за колегата проф. д-р Владимир Давчев (1962–2021) од страна на проф. д-р. Сузана Симоновска. Во рубриката Библиографии е предаден еден дел од објавеното филозофско и научно творештво на професорот Давчев.
Излегувањето на овој број на „Филозофска трибини“ е поддржан од страна на Министерството за култура и таа може да се најде во Книжарниците „Или Или“ и „Култура“, еден примерок чини 150 денари.