Ќе го продававте мерцедесот на Груевски за сега да ја приватизирате брзата помош

Во своето гостување на „Само вистина”, пратеникот на Левица, Борислав Крмов во дебата со пратеникот Ненад Коциќ обвини дека власта без јавна расправа сакала да ја протурка приватизацијата на брзата помош.

„Кога иделе приватни клиники да собираат сиромашен народ? Приватни клиники идат само за богати. Да не се лажеме, тоа им е оставено вака во аманет, значи додека е Филипче како министер да отвори простор за приватизација на брзата помош. Вие како слуги на олигархијата-тоа е апсолутно точно, затоа излезе и за Никоб газдата да си ја ишка мувата од капата и вие колега никогаш не одговарате на дијалог, вие секогаш одговарате на притисок.

Вас човек ако не ве притисне, не одговарате на ништо. Значи без јавна расправа сакаше да се пробутка тој закон, и не е само тој! Има и други проблематични делови. Имате делови за дополнителна дејност, имате сега за донирањето, за работата со човечки делови, со органи… Сето тоа се отвора за приватен бизнис.”

Тој дополна дека власта има пари за министерствата на ДУИ, но нема средства за набавка на амбулатнни возила, па дури и ветувањето дека ќе го продадат мерцедесот на Груевски за амбулантни возила не успеаја да го изреализираат.

„Кажете ми вие на мене од кога го отворивме здравството од ’91-ва за приватна иницијатива, дали здравството иде нагоре или надоле? Ние имавме меѓу првите топ десет здравства во Европа, како еден вид средноевропска држава во ’90-те години-сега се’ иде надоле. Тие значи не ни мислат дека е воопшто возможно Македонија да иде нагоре. Еве на пример како конкретно стана збор за Крушево, викат као “никогаш Крушево нема да има ни педијатрија, никогаш Крушево нема да гинеколози…”. Они лепат само фластер на рак-рана и секогаш, секогаш низ призма за приватен бизнис.

Обичен граѓанин знае дека на обичен човек нема да им дојде Никоб дома и да го собере и да го однесе во болница. Вие ќе го продававте нели и мерцедесот на Груевски и ќе купувавте амбулантни возила за сега да тврдите дека нема доволно амбулантни возила па мора приватниот сектор да обезбеди амбулантни возила, така? Имате пари за министерството на ДУИ што им дадовте цела зграда таму, им ги качувате парите секоја година (сега се качени за 80% некаде) – 8 милиони, 10 милиони евра, ама немате пари за амбулантни возила.” – дополна пратеникот на Левица.