Се повеќе доктори и магистри чекаат за работа
- Реакција на Левица – Сектор образование.
Веројатно не постои друга земја во светот каде, евидентирани како невработени, вработување чекаат доктори на наука. Меѓутоа, во Македонија во моментов работа бараат 718 магистри и 25 доктори на наука. Можеби причината е тоа што на територијата на Македонија функционираат 7 (и со зборови: СЕДУМ) државни универзитети и повеќе од 20 приватни универзитети. Дипломираните се стимулираат масовно да се запишуваат на постдипломски и докторски студии затоа што тој дел од образованието, дури и во државните универзитети, се плаќа приватно.
Докторандите плаќаат за целото свое образование, вклучително и трошоците за проектите и истражувањата кои треба да ги направат со цел да го напишат и одбранат својот докторски труд. Во развиените европски земји кон чии вредности, барем таксативно, се стреми државата, докторатите не се делат како свидетелства за завршено основно образование и трошоците не паѓаат на товар на докторандите. Таму докторските студии подразбираат работа на одобрен и финансиран проект кој го добила катедрата и за потребите на конкретниот проект вработува млади истражувачи, кои се на докторски студии. Тие имаат обврска да работат на проектот додека студираат и на таков начин да го вршат своето истражување.
Учеството на докторандот подразбира дека ќе му биде исплаќан месечен финансиски надоместок за ангажманот, но не подразбира дека кандидатот задолжително ќе се стекне со научно звање, односно треба навистина да се потруди и да покаже и докаже дека е способен за научно-истражувачка работа, па дури потоа да го напише и одбрани својот докторски труд и тоа од областа во која континуирано работи и истражува.
За таа цел тој добива стипендија или одреден финансиски надомест за својот труд, но не и за реагенси и материјали кои се потребни за истражувањето, бидејќи се подразбира дека сето тоа е во сопственост на проектот или институцијата за која работи.
За разлика од тие системи на образование, во „нашата земја“ докторандите ги САМОФИНАНСИРААТ своите докторски студии, при што мораат да изделат суми во висина од пет, шест па и повеќе илјади евра, сума од која многу мал дел (околу 1/6 од вкупниот износ) се употребува на пр. за лабораториски трошоци. Останатиот дел од сумата го покрива работниот ангажман на професорите и менторите, бидејќи финансирањето на докторските студии не е во обврските кои ги покрива државата.
Уплатата на средства во висина на 12-15 просечни плати вообичаено повлекува дека докторандот задолжително ќе се стекне со научна титула. Правилата кои ги пропишува МОН за тоа што сè треба да исполнат универзитетските професори како услов да може да бидат ментори, како и акредитациите кои ги издава Одборот за акредитација на високото образование, како и Агенцијата за квалитет на високото образование изгледа постојат само на хартија, или, по реформите на системот само виртуелно.
Во реалност,науката и научните титули се девалвирани до безвредност, на штета на вистинската наука и на луѓето со критичка мисла и научен поглед кон светот, а најмногу на штета на македонскиот народ и држава.