Богатите ни должат!
- Став на Круме Богевски – Советник од Левица во Општина Кавадарци.
Им дозволуваме да нѐ трујат, им дозволуваме да нѐ пљачкаат и се гушиме во ѓубрето од нивните валкани бизниси! Колку ни должат богатите за труењето кое им го занемаруваме?
Најбогатите 10% се одговорни за околу половина од глобалните емисии на штетни гасови во 2015 година, според извештај на Институтот за Животна средина во Стокхолм. Најбогатите 1% се одговорни за 15% од емисијата на штетни гасови во светот!
За споредба, најсиромашните 50% од луѓето во светот се одговорни за само 7% од емисијата на штетни гасови, а на грб го носат целото обвинување за состојбата со глобалното затоплување!
Кога те обвинуваат дека ја уништуваш животната средина со твојот автомобил или со огревното дрво, да… вистина е дека треба одговорно да размислуваме и да ја зачуваме животната средина, но знај дека големата слика е далеку позагрижувачка.
Брзината на глобалното затоплување нема значајно да се намали со тоа што ќе возиме електрични тротинети чија енергија се произведува од согорување на јаглен и мазут, ниту пак со поскапувањето на пластичните ќеси. Нашминканите, прогресивните, зелени, алтернативни, „одговорни“ начини за живот се достапни само како начин да богатите станат побогати!
Нѐ гушат, нѐ дават во ѓубрето кое е остаток од нивните валкани бизниси и се обидуваат да остават впечаток дека обичниот народ е одговорен за тоа што е отруен!
Bill Gates, еден од светските високопрофилирани „борци“ за заштита на животната средина, во 2017 година летал 59 пати во дистанца од околу 343 500 километри, генерирајќи 1600 тони штетни гасови (што е еквивалентно на емитирањето на штетни гасови од 105 граѓани од пониските економски класи). Ете тоа е таа загадувачка, јаглеродна нееднаквост!
Ние им дозволуваме да не гушат, живееме во Македонија, каде политичарите од претходните влади овозможувале и сѐ уште овозможуваат увоз на отпад и отпадно масло кое се користи како гориво во индустриските капацитети во земјава (кои се сопственост на странски инвеститори).
Да преведам… прогресивен западњак може да купи фабрика во Македонија која најверојатно пропаднала за време на транзицијата, во истата да експлоатира работници за минималец и како гориво да користи отпадни гуми увезени од земјата од каде што дошол, за истите тие работници кои работат на минималец, да умираат од канцерогените отпади на фабриката, која е „странска инвестиција и допринесува на економскиот развој на земјата“. Одвратно!
Уста нема да затворам за ова, да си знаете! А размисли и ТИ да отвориш уста за проблемов, додека не ни се задолжителни гас маските, полесно е!