Куба е една од ретките земји кои самостојно го победуваат корона вирусот
Куба е една од ретките земји, можеби единствена, која со пониски приходи по глава на жител, споредено со развиените земји и земји во развој, успеала да обезбеди вакцини за мнозинството население. Таа е единствената држава што развила сопствена вакцина и притоа, жителите на Куба не се соочуваат со рестрикции заради задолжителна вакцинација.
Поради пребрзото отворање на земјата за туристи, минатата година во Куба се интензивираше пандемијата. Смртните случаи го достигнаа пикот, по што државата мораше да воведе карантински мерки. Но, кубанската програма за вакцинација спроведена од нејзините власти успешно ја забави пандемијата. Таа денес повторно е отворена за туристи, откако со својата домашно развиена и произведена вакцина, успеа да го запре ширењето на корона вирусот.
По почетокот на пандемијата, кубанските власти свесни за 60-годишното економско ембарго на САД против нив и немањето можност да очекуваат ничија поддршка, одлучија да развијат сопствена вакцина. Генералниот директор на Институтот за вакцини Финлеј тогаш изјави: „за Куба е најдобро да биде независна во заштитата на сопственото население“.
Државни биотехнолошки центри на Куба на чело со Институтот Финлеј, започнаа да развиваат свои вакцини против вирусот, чија цел беше да произведат барем една која ќе биде ефикасна. Во земјата беа произведени повеќе вакцини, а од институтот информираа дека една од вакцините (Soberana 02), има ефикасност поголема од 90% во заштитата од симптоматски ковид-19, кога се користи во комбинација со сродна вакцина. Од нивна страна беше нагласено дека ваквите комбинации имаат висока ефикасност и во заштита од Делта варијанта на корона вирусот (САРС-КоВ-2).
Вакцината развиена и произведена во оваа земја успешно го запира ширењето на коронавирусот, а Куба може да се пофали дека во оваа борба победува потпирајќи се единствено на сопствените ресурси.