АктуелноИнтернационално

По една година борба, Фармерите ја победија одлуката на индиската Влада

Изминатата година Милиони фармери и работници протестираа низ Индија, за денес, земјоделските движења да ја слават победата на земјоделците за време на која тие се соочија со голема репресија и омаловажување. Според проценките околу 750 луѓе загинале за време на протестите, немирите и судирите низ илјадниците ширум Индија.

Политичката партија Левица, на почетокот од годината, по добиениот допис од Peoples Dispatch, како работничка партија, во повратен допис, даде безрезервна поддршка до земјоделците кои протестираат и новнарите кои наидоа на удар од тамошните власти.

По борбата од речиси една година, земјоделците во Индија конечно извојуваа победа против трите Закони за фарми донесени од десничарската влада на партијата Бхаратија Џаната (БЏП). Премиерот Нарендра Моди во петокот, (19 ноември), најави дека трите закони ќе бидат укинати и сите правни процеси поврзани со ова прашање ќе бидат завршени на претстојната седница на парламентот.

Оваа вест донесе прослави низ целата земја. Луѓето ја поздравија победата на движењето на земјоделците и работниците, кои излегоа на улиците за да ја изразат својата радост, потсетувајќи се на жртвите што ги направија во нивната едногодишна агитација. Оваа победа тие ја нарекоа „победа против ароганцијата на моќта“.

Самиукт Кисан Морча, кој го предводи движењето на фармерите, даде кратка изјава во која ја поздрави одлуката на премиерот. Сепак, тој повтори дека некои од неговите клучни барања допрва треба да се исполнат, а судбината на тековната агитација ќе биде решена само по детален преглед подоцна.

По објавувањето на оваа одлука, генерален секретар на Комунистичката партија на Индија (марксистичка), Ситарам Јечури, ги поздрави земјоделците и нивната храбра борба против трите закони за фарми. Тој одаде почит на земјоделците кои загинаа за време на агитацијата нарекувајки ги „маченици“. Јечури, исто така, побара премиерот да им се извини на земјоделците што предизвикал „тешкотии и неволји со неговиот диктаторски чекор на законот за фарми во корист на неговите блиски деловни партнери“, и нагласи дека тој мора да ги исполни останатите барања на земјоделците.

Синдикатот на сите индиски земјоделски работници, ја поздрави најавата за повлекување на трите закони, нарекувајќи го победа за селаните и патриотскиот народ на Индија.

Додека пак Марксистичко-ленинистичка партија на Индија сподели дека земјоделците нема да ги напуштат местата на протестите, се’ додека не се завршат сите формалности на повлекувањето и додека не бидат исполнети другите барања на земјоделците.

Авторот и колумнист Виџај Прашад, во својот осврт кон успехот на фармерите, на својот фејсбук профил напиша: „Прв пат по седум години, Човекот со шафранова брада мораше да го признае поразот. Моди ги укина законите за фармите, не затоа што ја разбра својата грешка, туку затоа што разбра дека работничката класа и земјоделците нема да отстапат.“