Процесот на спроведување на локалните избори 2021 година повторно ги истакна нормативните и останатите системски слабости

„Спроведувањето на изборите укажа на бројни слабости. Нормативните и системски слабости во изборниот процес кои што ги воочивме и кои мора да се променат ги групиравме во три категории и тоа:

1. НЕВОЕДНАЧЕНА И НЕУСОГЛАСЕНА ТЕРМИНОЛОГИЈА
Целта на правните акти е правилно и целосно да ја уредат одредената сфера која што продуцира системски импликации. Но, во пракса бевме сведоци на ситуации во кои одредбите во Изборниот законик како основен правен акт со којшто се уредува процесот на спроведување на изборите најпрво се неусогласени меѓу себе т.е. една одредба исклучува друга одредба, а потоа она што е предвидено во Изборниот законик, како термин не постои или постои, но е недозволиво видоизменето во останатите законски и подзаконски акти. Оваа појава креира правно недопуштлива ситуација во која правниците, а и секој граѓанин треба поединечно да ги толкува одредбите, а за што исклучиво е надлежно Собранието на Република Македонија.

2. ОБЕМНИ, И НЕЈАСНИ ЗАКОНСКИ И ПОДЗАКОНСКИ АКТИ
Наместо конкретно уредување на одредена ситуација, позитивните прописи на кои што се темели изборниот систем се преобемни и навлегуваат во уредување на ситуации кои апсолутно треба и мора да бидат уредени поинаку и поедноставно. Нивната обемност сама по себе е основа за нејасност на самите акти, со што создаваат простор за правни манипулации, но и ненамерни противправни постапувања на инволвираните во процесот, токму поради отсуство на конкретност.

3. НЕСТРУЧНОСТ НА НАДЛЕЖНИТЕ ЛИЦА ВО ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Исто така загрижува и нестручноста на самиот кадар, лицата кои се надлежни за спроведување на изборите. Со обраќање до различни инстанци во органите кои што се надлежни за спроведување на изборите, апсолутно секогаш се добива невоедначен т.е. различен одговор/решение за една иста ситуација, па дури се случува да не се даде конкретен одговор на поставено прашање кое е од надлежност на изборните органи и останатите инволвирани државни институции во изборниот процес.

Овие слабости особено произлегуваат од избрзување при носење на законите т.е. користење на скратена собраниска постапка во која роковите не дозволуваат расправа ниту на стручната правна фела по текстот на истите. Таквиот процес на инфлациско печатење на нови законски акти го руши нормативниот систем надолу и подзаконските акти наместо да ги доуредуваат законите го вршат токму обратното, противзаконски предвидуваат нови правни институти, создаваат правни празнини и недоречености, а сето тоа во насока на задоволување на интересите на владеачката елита.

Со цел да ги анулираме ваквите појави, ние во нашата програма предвидуваме:

  • Носење на номотехнички усогласени, кратки, јасни, правични и добри закони со воедначена правна терминологија и рационализирање, т.е. намалување на бројот на прописи (закони, уредби, деловници, правилници, упатства и други подзаконски акти) – со цел спречување на правната инфлација и пренормираност на правниот систем со непотребни и детални норми.
  • Воведување каталог, т.е. албум-листа на нормативни акти и прописи кои не смеат да се носат по скратена постапка.
  • Запирање на праксата на пречесто менување на законите и носење закони по скратена постапка, како и воведување обврска за задолжително издавање на официјални пречистени текстови на законите, после секоја нивна измена и/или дополнување.“

Реакција на Левица – Правен сектор