Професорот Димитров објаснува за енергетската криза и последиците од преземањето струја
Која е разликата меѓу кражба и преземање без најава на струја од европската мрежа, како што е тоа сторено овој месец и тоа дури четири пати, а тоа го призна директорот на МЕПСО, го поставува ова прашање во разговор за МКД.мк професорот Костадин Димитров. Тој нагласува дека има локална енергетска криза, кај нас, а не и глобална, затоа што многу земји се обезбедени со струја и друг вид енергија и имаат и за продажба. На прашањето зошто земјава се најде во таква ситуација, вели дека проблемот е што политички се поставуваат лица на раководни места кои или не се доволно стручни или пак, целта е системот да се уништи и потоа да се распродаде.
Електрична енергија се презема од европската мрежа во посебни услови, кога ќе се случи хаварија или друга непогода кога од минута во минута нагло снемува енергија, па се прибегнува кон земање струја од заедничкиот европски „бунар” кој е со ограничен капацитет и тогаш зборуваме за хавариско преземање, вели професор д-р Костадин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ, а по драматичната изјава за Телма на директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани дека Македонија четири пати без најава заради балансирање презела струја од европската мрежа бидејќи имаме недостаток од струја.
Димитров објаснува дека кога има потреба за балансирање на електро – системот се презема струја но, нагласува, тоа се прави со најава и цената е двојно – тројно повисока од цената на струја што би се купила на пазарот, бидејќи станува збор за приоритетна струја.
Конкретно по изјавата на директорот на МЕПСО, Димитров потенцира дека преземањето струја од европската мрежа претставува „навлекување” да се зема во текот на месецот, во духот на нашата логика „голема работа – нема гајле”.
„Но ќе те удрат по прсти за преземањето без најава. Која е разликата меѓу кражба на струја и земање без најава? Како и да е, тоа преземање е скапо и цената на балансирачката енергија се менува од час во час. Директорот вели дека можеби тоа земјава ќе ја чини 10 милиони, можеби и 15 милиони евра само за еден месец, а јас велам, не се знае, можеби ќе чини толку, а можеби и 20 милиони евра, пари кои ќе се платат од сите нас, од народот”, вели Димитров и потенцира дека тоа никој од одговорните нема да го почуствува на својот грб.
Ниту во Владата, ниту пак во ЕСМ или МЕПСО ќе примаат минимална плата како што е тоа случај со секој загубар, наглсува професорот.
Тој додава дека струја ако нема доволно од домашно производство дека треба да се купи на пазарот и дека е тоа задача на ЕСМ. Димитров вели дека ЕСМ како да е на распродажба иако порано работеше со профит и дека имаше средства да одвои и за културата и спортот, па и за туризмот.
Професорот вели дека сака да потенцира оти не станува збор за глобална енергетска криза, ниту пак за регионална криза.
„Струја има, но не во Македонија. Има во Србија, има во Германија, има во многу држави. Каде е проблемот? Проблемот е во тоа што Македонија не произведува струја колку што произведуваше порано. ТЕЦ Битола не работи како што треба заради несоодветно одржување, а и да работи, не е обезбеден јаглен. Коповите не работат рационално, се расипува опремата, четири години не се купува тоа што е неопходно, а пак јаглен навреме не е купен. А требаше да се мисли и да се купи кога и цената беше поволна. Тогаш кога ќе загусти, тогаш и цените не се исти, но и тогаш се поставува прашањето дали тој јаглен би можел навреме да стигне и колку време ќе биде потребно за тој да се обработи и прилагоди за процесот на производство на струја.
Тој посочува и пример и тоа од најблиското соседство, од Србија, како навреме се планира клучниот есенско – зимски период да се помине со доволно енергија и по добри цени. Србија навреме купи гас кој е складиран во подземните резервоари. Имаа предвид дека може да настане поглобален проблем со гасот, нагласува професорот.
Според него, проблемот во Македонија е пред сѐ политички бидејќи од Владата се назначуваат луѓе, вели, кои не знаат или не сакаат да реагираат навреме, луѓе кои без најава преземаат струја или пак станува збор за намерно уништување на системите со цел да падне нивната вредност и некој да ги купи.
Димитров не гледа брзо, а безболно решение:
„Две можности има по изборите: Или драматични рестрикции за околу 300 милиони мегават часови на дневно ниво да се намали потрошувачката, или да се најде и купи доволно струја на меѓународниот пазар но и нејзината цена во сметките да се зголеми“.
- Извор: мкд.мк