АктуелноСтав

Пресвртна точка

Секоја идеја, секое движење си има своја, уникатна историја, свој и само свој внатрешен живот. Она што го гледаме јавно, е само манифестација на таа внатрешна логика, на принципите вметнати во зародишот на таа идеја. Ќе треба да потрошиме многу простор за да ја претставиме историјата на Левица, од нејзиното создавање, до денес. Но, во основа, нејзината историја може да се сведе на познатата, веќе клише, изјава на Ганди: „Најпрвин ве игнорираат, потоа ви се смеат, па се борат против вас и после… вие победувате“! И во куси црти, тоа навистина е кратката историја зад идејата на Левица.

Во премрежјата на падот на Грујовиот режим нè игнорираа. Бевме „неважни“. Дури и за другарите кои беа со нас. Паметам како голем број од нив имаа сомнежи дали воопшто да ја формираме партијата, а кога веќе ја формиравме, некои од нив, неверувајќи во идејата се приклонија на победничкиот бран на СДС… И денес веќе ги нема.

До следните избори, ни се смееја. Ни се смееја на ентузијазмот, искреноста, посветеноста и вербата дека идејата ќе успее. Иронизираа, нè правеа дури недоветни. Но, така е секогаш со оние кои носат некој идеал, тие не се од овој свет, и не можат да бидат – тие идат од еден друг свет за да го променат овој. Тие со верба и идеали се јуродиви за овој свет! Отсекогаш било така. Но, само тие го менуваат светот. Останатите, кои немаат сила да ја додржат вербата во сопствените идеали и принципи…тие? Тие се во СДС.

Деновиве, во времето на овој хибриден режим, гледаме како се борат против нас. Тоа е последната фаза пред нашата победа со нив. Тоа е ноќта пред разденување! Се закануваат, затвораат, приведуваат, испрашуваат, вршат притисоци и манипулираат. Но, и тоа отсекогаш било така. Кога чувствуваат дека дошло времето да ви се плашат, не бираат средства да ви се спротивстават.

Но, блиску сме. Еве ја зората, зад аголот, драги мои! На овие локални избори, а особено по нив ќе се види доследноста во таа внатрешна идеја и принципи на кои е основана Левица. Рековме, кај секоја идеја, акција и движење она што го гледаме јавно, е само манифестација на таа внатрешна логика, на принципите вметнати во зародишот на таа идеја. Кога се формираше Левица, логиката беше едноставна: да го зачуваме човекот во политиката.

Понекогаш, во сите тие силни и бројни политички теории, се заборава едно нешто: дека политиката и политичкото е човекова творба и дека политиката е можна само како очовечена и никако поинаку. И дека ако во залог на политичкото ги ставите човековите вредности, ја спасувате и политиката. На почетокот на нашата идеја се заветивме на тие човечки вредности. И тоа не заради друг, ами заради нас самите. Оти поинаку не можеме, поинаку не знаеме. Секој поединец мора да ја зачува таа лична вредносна хиерархија, во спротивно не може да живее, не може да делува. Добро, или ќе делува во СДС.

Вредностите на кои се заветивме се: чесност, храброст и неподмитливост! Сè друго се решава, сè друго е политика, техника на управување. А тоа се менува. Но заветот останува. И затоа Левица успеа. И успева. И затоа ги минавме сите фази на Гандиевата изрека. И сега сме пред победата! Да, победа е за сите нас ако во секој од Советите каде кандидиравме свои советници им влеземе во Советот. Да имаме по неколку советници и градоначалници. Многу е важно тоа за сите нас. Впрочем, тоа е пресвртната точка во македонската политичка сцена. Зошто? Затоа што ако ги сочувавме идеалите, принципите и вредностите во делувањето и направивме разлика во Парламентот со само два пратеника, можете да замислите каква разлика ќе направиме ширум татковината! Локалните избори отсекогаш биле потценети од „големите партии“, сведувајќи ги на битки за шахти и канализации. Но, локалните избори се поважни можеби дури и од парламентарните. Прво, затоа што заради тоа што општините се првата политичка реалност од која директно зависи нашето секојдневие. Второ, затоа што суштината на демократијата се исцрпува преку партиципативноста токму на локално ниво. И трето, затоа што на ситно, но најмногу крадат локалните шерифи.

И во сите три аспекти, влезот на Левица ќе ја промени нашата непосредна политичка реалност. Неколкумина советници во советите, ќе значат реална политичка моќ на Левица да дејствува локално. Ќе ги отклучиме сите механизми на непосредно вклучување на граѓаните во општинските политики и трајно ќе ја промениме идејата за транспарентност на општината. И конечно ќе имаме увид во нивниот арамилак и механизми тоа да го спречиме. Затоа ни се плашат, затоа немаат ум, дерман немаат кога ќе им влеземе во советите и кога ќе им ги отвориме тефтерите. Кога ќе го запреме башибозукот заради кој сме овде каде што сме, во овие триесет години. Ќе ги запреме да ја крадат иднината на нашите деца. Ќе ги запреме во нивните напори да ве направат малодушни. Ќе ги запреме во обидите да ве натераат да верувате дека ова е единствената реалност. Ќе ги запреме во обидите да ве направат наспособни и без верба…! Ќе ги запреме и ќе почнеме да градиме наш свет!

И затоа, драги мои, ова се најважните избори. Затоа овие избори се пресвртната точка, после која нема враќање. После овие избори ќе ја почувствувате разликата, ќе почувствувате дека поинаку и подобро било можно. Дека во оваа земја живеат чесни и честити луѓе. Дека нè има и вредни и умни. И тие тргнаа по своето и назад нема!

проф. д-р Трајче Стојанов