Јанков: „Урбаната мафија“ e најголем проблем на Општина Центар
Фејсбук статус на Андреа Јанков – кандидат за градоначалник на Општина Центар
Во очи изборите, и како најголем проблем на Општина Центар, да кажеме збор-два за тн „урбана мафија“ (иако поправилен термин е УРБАНИСТИЧКА мафија).
Многу често, за неа се зборува дека е разработена шема, па дека е склоп на политичка елита, олигарси, урбанисти кои се во дослух и сл. Не, „урбанистичката мафија“ не е ниту организирано тело, ниту пак има структура и хиерархија. Всушност, е само огледало на самото општество, бастардно чедо на капитализмот и претставува само стихијна химера составена од неколку делови.
Да погледнеме како функциинира, и на што се потпира оваа творевина. Најпрвин, потребно е да се има земјиште во владение, односно СОПСТВЕНИК. Потоа, втор во спрегата е УРБАНИСТ-ПЛАНЕР, односно правното лице составено од овластени физички лица, кои ги задаваат параметрите за градба, односно процентот на изграденост, коефициентото на искоритеност, класата на намена и габаритот на објектот планиран на земјиштето на сопственикот. Како трет се јавува ИНВЕСТИТОРОТ, кој наместо да му стојат парите во банка, и да живее од камата, истите решава да ги плоди со самата градба, затоа што на годишно ниво на тој начин остварува поголем профит. Четврт и финален чинител е општинската и државната АДМИНСИТРАЦИЈА, која ги носи и спроведува правилата на игра.
Да тргнеме да го анализираме СОПСТВЕНИКОТ. Дали со наследство, дали со купување, се стекнал со приватно земјиште, и истото кај нас се издига на пиедестал на светиња. Па така, играјќи на вечната алчност, која е составен дел од психата на луѓето, тој граби и се бори за секој квадрат повеќе, без притоа да внимава дека ако сите негови соседи се однесуваат така, многу брзо ќе ја уништат привлечноста на самата населба, а со тоа ќе ја оштетат и цената на квадратот. Истиот многу често не сака да направи здружување со соседот, или соседите на ниво на блок, воден од максимата „да му цркне козата на комшијата“.
УРБАНИСТОТ-ПЛАНЕР пак, е оној кој учества на тендер, и врз основ на најниска понуда добива да го обликува просторот на ниво на градска четврт. Колку пари, толку музика, па затоа и не се грижи многу дали ќе биде платен од нарачателот, во случајот општината, кога за неговите услуги, односно да зголеми габарит, процент и коефициент, ќе се најде муштерија. Дали сопственикот или инвеститорот, нему му е сеедно. Битно не работи од љубов кон татковината.
ИНВЕСТИТОРОТ, секако, гледа да го извлече максимумот за парите кои ги инвестира, и од исти побуди како и сопственикот, и тој се бори за некој квадрат повеќе.
Доаѓаме до АДМИНИСТРАЦИЈАТА. Законодавниот дом е тој каде се носат законските акти по кој треба да се дејствува, а локалната власт да ги спроведува. Дали од незнаење, дали од неагилност, дали намерно, дали ради факторот на човечка грешка, се носат недокажани закони и правилници, кои потоа можат и погрешно да бидат протолувани, намерно или ненамерно, па и злоупотребени од локалната администрација, но и од планерите.
По ова може да заклучиме дека тн „урбанистичка мафија“ не е ништо друго, туку КОРУПЦИЈА, олицетворена преку архитектурата во просторот во кој живееме.
Најчесто поставувано прашање е како да се бориме против неа?
Правилниците и законите никогаш нема да бидат совршени, но може да се стремиме секогаш да ги подобруваме.
За развојот на општината треба да практикуваме и дирекна демократија, односно да се прашаат самите граѓани како да се планира просторот преку анкети, но и локални референдуми.
Урбанистичките планови да бидат секогаш предмет на ЈАВНИ КОНКУРСИ, по можност меѓународни, и со меѓународна и независна стручна комисија. Разработката на решението може и да биде на тендер, но идејното решение секогаш треба да биде уникатен авторски труд. Да се вратат заводите за урбанизам, и генералните и просторните планови исклучиво да бидат предмет на разработка на Агенцијата за просторно планирање.
Кога се планира веќе урбан развој, тој да биде пред се на државно земјиште, при што повторно би подложел на ЈАВЕН КОНКУРС, но дури и до степен на основен проект, па самиот инвеститор нема да има опција за манипулација, туку едноставно, ќе му се даде веќе готов проект, со сите потребни параметри, негово ќе биде само да си ја пресмета исплатливоста, да уплати комуналии и да се придржува до проектната документација.
Само со практицирање на солидарност, скромност и рационалност се победува химерата наречена „урбана мафија“!