Власта без попишувачи: Ќе ја ангажира администрацијата

Владата денес донесе одлука со која ги задолжува сите министерства и органите на државната управа да ги разгледаат можностите за потребите на пописот да ги стават на располагање на Државниот завод за статистика времено вработените во овие институции, и истото им го препорача на единиците на локалната самоуправа и на институциите под нивна надлежност.

Последниот продолжен конкурс завршува утре, на 25-ти август. Десет дена пред Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија кој треба да почне на 5-ти септември, недостигаат 2.000 попишувачи.
Кандидатите се пријавуват, а потоа дел од нив не доаѓаат на закажаното тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и познавање на работа со персонален компјутер), пренесува Дојче Веле.

На последниот конкурс, се пријавиле нови 1.200 кандидати. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека на новото тестирање ќе имаат право да учествуваат и тие што биле пријавени на претходниот конкурс, а не дошле на тестирање од која било причина.

„Во пописниот реон 24, кој ги опфаќа општините Дебар и Центар Жупа, граѓаните покажале минимален интерес да се пријават на конкурсот за попишувачи и инструктори. Треба да бидат ангажирани 72 лица, од кои 6 реонски инструктори.

Интересот е многу мал. Се пријавија 45 лица, но на спроведеното тестирање дојдоа само 28. Недостиг на попишувачи и инструктори имаме од сите етнички заедници.
Колку за илустрација, од 30 попишувачи колку што треба да бидат од албанска националност се пријавија само 12.

Не сум оптимист дека бројот на заинтересирани ќе биде поголем по завршувањето на актуелниот конкурс.“, изјави претседателот на комисијата на овој пописен реон Решад Ќормемети.

Во јавноста се шпекулира дека од страна на субјекти и организации кои се противат на пописот, голем дел од кандидатите биле мотивирани само формално да се пријавуваат за попишувачи, но да не се одзиваат на натомошните обврски.
Засега не може да се потврди дали има вистина во ваквите шпекулации.