АктуелноЛокално

Недостигаат вкупно 536 пожарникари за да биде достигнат законскиот минимум

Согласно Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:

  • во општините до 10.000 жители – 9 професионални пожарникари,
  • во општините од 10.000 до 15.000 жители – 13 професионални пожарникари,
  • во општините од 15.000 до 24.000 жители – 17 професионални пожарникари и
  • во општините со над 24 000 жители – еден професионален пожарникар на 1.500 жители.

Во Република Македонија дури дваесет од вкупно триесетте противпожарни единици не го исполнуваат законскиот минимум. Шест вакви единици се точно на границата од минимумот, а само четири противпожарни единици имаат вкупен број на пожарникари кој е повисок од оваа граница. Во Македонија недостигаат севкупно 536 пожарникари за да биде достигнат законскиот минимум.

Во главниот град недостигаат најмногу пожарникари, над 200. Тетово е второ на оваа неславна листа, таму недостигаат 65 пожарникари, Гостивар е трети со недостаток од 52 пожарникари. Не помалку лоша е ситуацијата во Куманово каде недостигаат 49 пожарникари, во Битола недостатокот е од 32, а во Прилеп од 26 пожарникари, за да биде исполнет законскиот минимум.

Недостатокот на пожарникари не е единствен проблем со кој се соочува оваа безбедностна гранка. Состојбата во возните паркови на противпожарните претпријатија е во загрижувачка состојба. Согласно истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во Македонија има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост од 28 години. Исто така загрижува фактот дека противпожарните претпријатиа купуваат веќе користени „поволни“ возила.

Најстари возила, со просечна старост од 35 години имаат противпожарните единици во Кратово и Делчево. Најмлад возен парк, со просечна старост од 20 години, имаат противпожарните единици во Велес и Демир Хисар. Валандово и Струмица ги имаат најстарите противпожарни возила (ТАМ 5500 и ФАП 13), постари повеќе од половина век, т.с. возила се произведени далечната 1966 година.