АктуелноЛокално

Наши народни пари за грчки и други странски универзитети

Минатата учебна година, над 20,000 дечиња од основно образование немаа компјутер или интернет и годинава посетуваа ‘настава’ на ТВ. Не можеа да ги поднесат своите домашни задачи на увид на учител(к)ите, зашто немаа ни интернет ни компјутер, и заради тоа некои од нив покажаа слаби резултати. Социјална дискриминација од најлош вид, токму врз најмладите. 

Ниту Владата, ниту ресорното Министерство, ниту локалните самоуправи не понудија помош да обезбедат компјутер за секое дете. Обезбедија само ТВ настава, што всушност заради ендонасочноста, и не е настава, туку импровизација и замачкување очи. Состојбата со стотици селски и градски училишта, студентски домови во Македонија е позната, фотографии  од хорор  училници со прокиснати кровови, ќумбиња, хорор тоалети – периодично кружат да не’ потсетат.

Изминатиов месец, Претседателот на државата Стево Пендаровски и министерката за образование и наука Царовска, се пофалија дека потпишале протокол за доделување на стипендијата ‘Борис Трајковски ‘ за претстојната академска година со грчкиот приватен универзитет Сити колеџ од Солун. Како и секоја година, впрочем. Министерството за образование и наука објави конкурс за стипендирање на последипломси студии во оваа грчка образовна институција, пак експресно, а во изминативе три месеци, МОН исто така експресно, како и секоја година објави 3 конкурси за стипендирање на додипломски, постлдипломски студии од различни области (највеќе од истите кои и кај нас се изведуваат) – на странски универзитети, со државни т.е. народни пари.

До каде е набавката на компјутерите и интернет приклучок за децата од социјалните семејства, знае некој? До кога студентските домови ќе чекаат реновирање? Дали ќе имаме книги оваа година, на време? Дали имаме евалуација на ефектите од стипендирање со народни пари на странски универзитети?

Во ек на национално и државно понижување од сите страни, во ек на економски и образовен колапс поради пандемијата, која остави илјадници ученици без пристап до соодветно образование и студенти кои немаа пракса –  нашите властодржци ПОДАРУВААТ народни пари на грчка институција и на серија странски универзитети! Поточно и според објавените  извори подолу, oва е пресметката за 4те конкурси што се во тек :

1. 20 стипендии х 14,890 евра секоја, со 50% од владини средства, т.е. народни пари = 148,900 евра од буџетот на нашата држава, подарок за странска грчка институција и нејзините европски партнери 

2. неутврден (!) број стипендии на дoдипломски студии на странски универзитети х макс.40,000$, (нека се 10 стипендии)= 400,000 $!

3. неутврден (!) број стипендии на постдипломски студии на странски универзитети х макс.40,000$, (нека се 10 стипендии) = 400,000 $! 

4. неутврден (!) број стипендии на дoдипломски студии на странски универзитети (ликовна, музичка уметност) х макс.40,000$,  (нека се 5 стипендии) = 200,000 $! 

Вкупно годинава, Министерката Царовска и Владата на банкротираната држава ќе искешираат ориентирно над 1 милион долари (а конкурсиве се објавуваат наназад со години) за да ги почастат поединците кои после студиите ќе немаат никаква обврска кон државата заради лабавите критериуми од типот: Ако по завршување на студиите државата не им понуди работа во јавниот сектор, кандидатите немаат обврска кон државата. Зошто тогаш ги финансира? Кои се тие и каде сега работат? Има ли евалвација на ефектите од милионскиве суми за стипендирање?

Додека пак, сведоци сме како државните универзитети, како УКИМ и УКЛО, континуирано трпат редуцирање на своите буџети и бележат драстичен пад на Шангајската листа. Минатата година, за време на ковид-кризата, токму секторот образование беше еден од областите кои најмногу настрадаа со кратење на средства. Од буџетските средства наменети за универзитетите, беа скратени од секаде во просек по околу 40 милиони денари по универзитет. Најмногу пари беа скратени за Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, вкупно 95 милиони денари.