Апасиев ја обвини широката коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за договор околу Изборниот законик
Согласно демократските принципи на меѓународно ниво, постои непишано правило, кое истовремено е препорачувано и од Венецијанската комисија, а тоа е дека изборен законик, во година на избори, не се менува. Оваа пракса очигледно е непозната за македонската политичка елита. Во нашата земја, стана традиција, не само да се менува изборниот законик во годината кога се одржуваат изборите, туку тоа се прави на само некој месец пред почетокот на изборната кампања. За ова да биде уште полошо, кај нас процедурата за промена во изборниот законик во собранието се одвива само формално, додека во пракса, ова секогаш е договор помеѓу лидерите на „најзастапените“ политички партии во Собранието. – Пратениците се само гласачи за истото.
Ваквата традиција од страна на естаблишментот е претворена во норма, но овој пат, пратениците од Левица застанаа на патот на „шверцувањето“ на Изборниот законик.
„Другари, вака стојат работите…
Два-три месеци наназад, Министерството за правда глуми инклузивни преговори за измени на Изборниот законик (со динамика на средби во Клубот на пратеници два пати месечно, со претставници на сите парламентарни партии).
Во меѓувреме, #ШирокатаКоалиција СДС-ДПМНЕ-ДУИ, инкогнито и зад затворени врати, паралелно си преговарала и си договориле измени кои одат во насока на загушување на директната демократија и неколкукратно зголемување на цензусот за собирање потписи пред ДИК за независни/граѓански листи!
И утре сакаат, оваа нивна лакрдија за сузбивање на политичката конкуренција да ја поминат со експресен воз низ Собранието: прво на пленарна, а потоа и на комисиска расправа – без да остават време за поднесување амандмани од страна на пратениците (затоа што законот уште не е доставен до народните избраници).
Чисто да си знаете со какви ШВЕРЦЕРИ и преваранти без образ си имаме работа. И од власта и од опозицијата.“
На ова се приклучи и неговиот соборец, пратеникот Борислав Крмов, тој кажа дека „Министерот за правда МАРИЧИЌ ЦЕЛ ДЕН ГО КРИЕ НОВИОТ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК, НЕБАРЕ ЗА БОМБОНИ СЕ РАБОТИ, А НЕ ЗА ЗАКОН.Со истиот закон коалицијата СДС-ДПМНЕ-ДУИ планираат да им „пресудат“ на независните листи на престојните локални избори и ИСТИОТ ТРЕБА ДА СЕ ГЛАСА УТРЕ. Која фарса од држава.“