АктуелноБиблиотека

Колонијална демократија

„Колонијална демократија“ е извадок од делото „Запад – феноменот на западизацијата“ на Александар Зиновјев, филозоф, социолог, есеист и книжевен сатиричар, еден од водечките мислтели и интелектуалци на Русија во втората половина на 20-тиот и почетокот на 21-виот век.

„Историјата на човештвото дава примери на различни видови колонизација – населување на слободни земји, населување при што доаѓа до мешање со месното население, населување со истребување на месното население, собирање на данок без уништување на општествено-политичкото устројство на покорената земја, присоединување на територијата кон земјата колонизатор, освојување со принудно преобразување по свој образец итн… Западнизацијата претставува посебен вид на колонизација, при што во колонизираната земја принудно се создава општествено-политички систем на колонијална демократија. Според многу показатели ова може да се смета за продолжување на претходната колонијална стратегија на западноевропските држави. Меѓутоа, гледано во целина, сепак станува збор за нова појава. Ќе ги набележам нејзините карактеристични својства. 

Колонијалната демократија не претставува резултат на природната еволуција на одредената земја во склад со нејзините внатрешни услови и закономерностите на општествено-политичкиот развој кој историски се развило во неа. Таа е нешто вештачко, наметнато на одредената земја од страна, наспроти нејзините историски обликувани возможности и еволутивни цели. Таа е одржувана со колонијални методи. При тоа, колонизираната земја бидува оттргната од нејзините претходни врски. Ова се постигнува по пат на растурање на блокови од држави, а исто така и преку дезинтегрирање на големи држави, како што се има случено со источниот блок, Советскиот Сојуз и Југославија. Понекогаш, ова се претставува како ослободување на одреден народ од гнетот на други народи. Но најчесто и пред сѐ идејата на ослободување и национална независност претставува идеолошко средство за манипулирање со луѓето.  

На државата што е така оттргнатата од нејзините претходни врски ѝ се остава привид на суверенитет. Со неа се воспоставуваат односи како со божем рамноправен партнер. Во таквата земја во помала или поголема мера се зачувуваат претходните форми на живеење за мнозинството на населението. Притоа, се создаваат јадра на економија по западен образец и под контрола на западните банки и концерни, а во значајна мера и како отворено западни или мешани претпријатија. Надворешните атрибути на западната демократија се користат како средство за еден сосем недемократски режим и како средство за манипулирање со масите. Експлоатацијата на земјата во интерес на Западот се остварува со силите на еден незначителен дел од населението на колонизираната држава, кој живее на сметка на таа своја функција и ужива висок животен стандард, споредлив со оној на повисоките слоеви на Западот.  

Колонизираната земја во секој поглед се доведува до таква состојба што станува неспособна за самостојно опстојување. Во воена смисла таа се демилитаризира до таа мера што повеќе не може да стане збор за никаков отпор. Вооружените сили имаат улога да се справуваат со протести на населението и задушување на можни бунтови. До жално рамниште се урнисува националната култура. Нејзиното место го зазема културата, а поскоро псевдокултурата на западизмот. 

На масите на населението им се нуди сурогат на демократијата во вид на распуштеност, ослабена контрола од страна на власта, достапност на разоноди, препуштеност сам на себе, систем на вредности што ги ослободува луѓето од труд врз самите себеси и од морални ограничувања. “

(Според: Зиновьев, Александр А. Запад – феномен западнизма. Москва: Центрполиграф, 1995.)

Извор: http://hellishamerica.ru/zapad1.html