АктуелноИнтернационално

Џеки Чен: „Сакам да станам член на Комунистичката Партија“

Кунг-фу ѕвездата од Хонг Конг, Џеки Чен, изјави дека аплицирал за членство во Комунистичката Партија на Кина, пренесе Глобал Тајмс во понеделникот. Изјавата беше дадена за време на симпозиум на клучни фигури од кинеската кинематографија минатиот четврток, каде се зборуваше за прославата по повод 100 години КПК.

Чен истакна дека е горд на својата националност, а во своето обраќање рече: “Им завидувам на овде собраните членови на Комунистичката партија. Можам да ја забележам величината на КПК, и како таа го исполнува она што ќе го вети, не за помалку од 100 години, туку за само неколку декади. Јас сакам да станам член на КПК”. 

Минатата година Чен се обврза да плати милион јуани (143 000 американски долари) на човекот што ќе создаде вакцина за коронавирус. Актерот тогаш изрази надеж дека ова ќе го забрза појавувањето на лекот и исто така откри дека постојано донира пари за заштитна облека и медицински маски. Тој нагласи дека не сака да гледа празни улици и тажни луѓе наоколу.

Претходно (од 2013 година), Чен служеше како член на Политичката консултативна конференција на кинескиот народ, национално советодавно тело што дава информации и совети за важни политички прашања на владата. По правило, овој совет ги вклучува славните луѓе лојални на властите во земјата.

Како дел од симпозиумот беа коментирани и моменти од историјата на Кина и на КПК со осврт на Војната Против Јапонската Агресија (1931-1945).