АктуелноБиблиотекаИнтернационално

Западнизација на планетата

„Запад – феноменот на западизацијата“ e дело на Александар Зиновјев, кој, покрај тоа што беше истакнат член на Комунистичката Партија на Советскиот Сојуз, тој беше и еден од водечките мислтели и интелектуалци на Русија во втората половина на 20-тиот и почетокот на 21-виот век – филозоф, социолог, есеист и книжевен сатиричар.

Во оваа книга, тој дава една сеопшта критика на феноменот „западнизација“ (како различен од запад), каде западнизацијата ја претставува како економска, политичка и социолошка суперсила која се наметнува во целиот свет со тенденција да формира привилегирано „супер општество“ (западната елита), од една страна, и „масовно општество“ на потрошувачи кое ќе биде потчинето и лишено од суверенитет над својата политичка заедница. Според Зиновјев, западнизацијата претставува стремеж на Западот да ги стори другите земји слични на себе и сето тоа во име на еуфемизми, како демократија и човекови права, како идеолошка надградба на нивниот главен (економски) интерес. Подолу ви пренесуваме превод на дел од книгата „Запад – феноменот на западизацијата“:


Во текот на „Студената војна“ беше изработена стратегија за воспоставување на нов светски поредок. Јас ја нарекувам неа со зборот „западнизација“, а не „американизација“, со оглед на тоа што таа не е дело само на САД, туку на западниот свет во целост. Притоа, зборот „американизација“ ја замаглува социјалната смисла на разгледуваната појава. 

Западнизацијата претставува стремеж на Западот да ги стори другите земји слични на себе во однос на социјалната структура, економијата, политичкиот систем, идеологијата, психологијата и културата. Идеолошки, ова е претставувано како хумана, алтруистичка и ослободителна мисија на Западот, којшто себеси се прикажува како врв на развојот на цивилизацијата и сосредоточиште на сите доблести кои вооопшто може да се замислат. „Ние сме слободни, богати и среќни“, – вака или слично им сугерира Западот на народите што треба да се подложат на западнизација, „и сакаме да ви помогнеме и вие да станате исто така слободни, богати и среќни“. Меѓутоа, реалната суштина на западнизацијата нема ништо заедничко со ова. Целта на западнизацијата е да ги доведе потенцијалните жртви до таква состојба што би загубиле секаква способност за самостоен развој, па да се најдат вклучени во сферата на влијание на Западот, притоа не во улога на рамноправни партнери, туку во улога на сателити, или подобро кажано, колонии од нов тип. Таквата улога би можела на некое време да задоволи дел од граѓаните на земјите што бидуваат западнизирани, меѓутоа ништо повеќе од тоа. На овие земји во сферата на власта на Западот им се наменети второстепени и потчинети улоги. Западот располага со доволно моќ за да не допушти појава на независни (од него) западовидни земји, кои би го загрозувале неговото господство во освоените, за себе, делови од планетата.

Западнизацијата на некоја земја не претставува просто влијание на Западот врз таа земја, не станува збор за просто позајмување на одредени пројави на западниот начин на живот, не е просто ползување со произведени на Западот предмети и продукти на културата, не се мисли просто за патувања на Запад, туку се случува нешто многу подлабоко и поважно за таа земја: доаѓа до преобразба токму на темелите на животот на дадената земја, на нејзината социјална организација, системот на управување, идеологијата, менталитетот на населението. Овие преобразби се средство за остварување на целта, за којашто претходно говоревме.

Западнизацијата не исклучува доброволност од страна на земјата што бидува западнизирана, па дури и страсна желба да се појде по тој пат. Западот, имено, кон тоа и се стреми, потенцијалната жртва сама да му се пикне во челуста, а притоа уште и да биде благодарна за тоа. За таа цел постои моќен систем на мамки и идеолошка обработка. Меѓутоа, какви и да се околностите, западнизацијата претставува активна операција од страна на Западот, која не исклучува и насилство. Доброволноста, од страна на земјата подложена на западнизација, воопшто не значи дека сето нејзино население еднодушно го прифаќа таквиот пат на својата еволуција. Внатре во земјата доаѓа до борба меѓу различни категории на граѓани – за или против западнизацијата. Притоа, западнизацијата и не успева секогаш. Доволно е да се повикаме на примерите на Виетнам и Иран. 

Разработена е и тактика на западнизацијата. Таа опфаќа мерки од ваков вид: да се дискредитираат сите основни атрибути на општествената структура на земјата која треба да биде западнизирана; да се дестабилизира истата; да се потпомогне да дојде до криза на економијата, на државниот апарат и идеологијата; да се раздели населението на земјата на непријателски групи и да се атомизира истото; да се поддржуваат било какви опозициони движења; да се поткупува интелектуалната елита и привилегираните слоеви; напоредно со сево ова да се води пропаганда што ќе ги велича предностите на западниот начин на живот; да се побудува меѓу населението на западнизираната земја завист кон западното изобилство; да се создава илузија дека тоа изобилство божем ќе го достигнат во најкус можен рок и тие само ако тргнат по патот на преобразби по западен образец; да се заразува со пороците на западното општество; да се претставуваат тие пороци како доблести, како пројава на вистинската слобода на личноста; да ѝ се укажува економска помош на западнизираната земја само во таа мера, во која тоа би придонело за разорување на домашната економија, за породување паразитизам во земјата, па да се создава репутација за Западот како божемен алтруистичен спасител на западнизираната страна, од недостатоците на нејзиниот претходен начин на живот.

Целата ослободителна и цивилизаторска дејност на државите на Западот во минатото имала една цел: завојување на планетата за себе, а не за другите, приспособување на планетата за своите, а не за туѓите интереси. Тие го имаат преобразувано своето опкружување за ним да им биде поудобно да живеат во него. Во случај кога се наоѓале такви кои им пречеле во тоа, тие се немаат гнасено од било какви средства. Сега условите во светот се изменети. И Западот станал поинаков. Неговата стратегија е изменета, но суштината останува иста. Таа и не би можела да биде поинаква, зашто е природен закон. Западната идеологија почна да пропагира мирно решавање на проблеми. Меѓутоа, на таквите мирни методи својствена им е една особеност: тие се принудно мирни. Западот поседува огромна економска, идеолошка и политичка моќ, сосем доволна за да ги принуди неволните страни по мирен пат да го сторат тоа што му е потребно на Западот. Но, таквите мирни методи не претставуваат ништо доколку не се базираат врз воена моќ. Во случај на потреба, како што нѐ учи искуството, Западот не се стеснува од примена на оружје, со оглед на тоа што тој е уверен во својата апсолутна надмоќ.

Западнизацијата на планетата води кон тоа што во светот нема да преостанат никакви „точки на раст“, од коишто би можело да израсне било што способно за нов облик на еволуција, различен од еволуцијата врз база на западнизмот. Западот, завојувајќи го светот за себе, ги истребува сите никулци на цивилизации од друг вид потенцијално способни за конкуренција. Светот се претвора во бесплодна еволуциона пустина.  


(Според: Зиновьев, Александр А. Запад – феномен западнизма. Москва: Центрполиграф, 1995.)

Извор: http://hellishamerica.ru/zapad1.html