Како тренерка која работи со деца ги забележав недостатоците на онлајн – системот
Пишува: Весна Кираџиева, шесткратна шампионка на Македонија во маратон.
“Уништување на една нација не бара употреба на атомска бомба
или употреба на ракети со долг дострел…
Потребно е само намалување на квалитетот на образованието.
Пациенти умираат во рацете на такви доктори.
Згради се рушат во рацете на такви инженери.
Пари се губат во рацете на такви економисти и сметководители.
Правдата се губи во рацете на такви правници.
Колапсот на образованието е колапс на нацијата.“
Нелсон Мандела.
Ова му се заканува на нашиот образовен систем, а со тоа и на нашата нација! Деновиве сѐ погласни се негодувањата за реформите во образовниот систем, а последните најави оттаму се дека сите ученици од 4то одделение нагоре ќе учат исклучиво од електронски книги. Јас не знам од каде да почнам со објаснување колку ѝ е налудничава идејава на министеркава и нејзиното друштво.
Прво, живееме во време кога децата секако поминуваат премногу време пред монитори. Со оглед на тоа што сега и предавањата им се пред компјутер, тие од старт веќе поминуваат по 7-8 часа пред монитор. Според новиве измени за електронски учебници, ова би значело дека и домашната и учењето вонучилишните учења на предавањата ќе им бидат дополнително уште некои 2-3 часа пред монитор! Солидни 10 часа во денот пред монитор само за учење! А тие играат и видео игри, социјални мрежи и слични активности.
Како тренерка која работи со млади деца кои се соочуваат со новиов систем на предавања од дома, веќе ги забележувам недостатоците од системот. Имено, децата беа далеку пофокусирани, но и поеластични и поспретни на тренинзите пред година дена (а беа помали). Сега, иако имаат подолг “стаж“ во спортот, едвај можат да се свиткаат во грбот за да си ги допрат прстите на нозете, а на тренинзи доаѓаат неволно и секогаш со изговор дека имаат премногу училишни обврски за да постигнат сѐ. Ова се деца кои имаат услови за тренирање, што е едвај 5% од децата во Македонија. Не сакам ни да замислам како поминуваат оние кои немаат никаква физичка активност и услови за тренирање било што.
Да се вратам на книгите. Како авторка, покрај тоа што нашата книга може да се најде во печатена верзија, ја имав понудено и БЕСПЛАТНО за оние кои сакаат да ја имаат во ПДФ формат или сакаат да ја прочитаат, но немаат услови да ја набават печатена, со контакт на меил. Сѐ уште никој ја нема побарано во електронска форма за беспари, односно сите ја купуваат во печатена верзија. Ова ми е голем показател дека луѓето преферираат да држат печатена книга во рака, отколку електронска.
Преферирам и јас. Читам и електронски, голем дел од книгите се полесно достапни и поевтини така, ама кога имам опција, сакам печатено издание за да можам да подвлекувам, да бележам омилени цитати и сл. И ова го нудат електронските читачи, но не е исто.
Да му дадеш на дете од 9-10 години дополнително да дреме пред монитор, за мене е лудо! Голем дел од вас кои ме следите и самите сте родители на деца кои се сега или одат кон оваа возраст кога ќе треба да учат на овој начин, па ве охрабрувам јавно да си го искажете ставот, секој глас е важен, немојте да мислите дека нема да ве чујат и дека сме небитни. Јавниот притисок е важен, вашиот глас како родители е важен, да знаат дека ние не спиеме, дека следиме. Да знаат дека не се согласуваме да ги упропастат децата и иднината на нацијата заради нечии каприци, заради идејата за менување на историските факти во учебниците и удоволување и виткање кичма пред притисок на странски влијанија.
На крајот од денот, кој знае, можеби и оваа промена ќе има свои позитивни страни, но зошто се избрзува со одлуки? Без истражување, без јавна дебата и подлабока консултација од стручната јавност, но и од родители и деца? За каде брза министеркава?
На крајот, повторно забораваат она што постојано го повторувам – земјата не ја држат три китови, округла е, сѐ се врти, ништо не е вечно!