Левица – Карпош: Стефан Богоев продолжува да се расфрла со народни пари
Општина Карпош, со долг од 5 милиони евра, како трета најзадолжена општина во Македонија продолжува со мегаломанското трошење народни пари. Нелогична висока сума од четири милиони денари за одржување на четири фонтани во општината.
Локалниот Огранок на Левица – Карпош со реакција до јавноста:
„Општина Карпош и Стефан Богоев продолжуваат со недомаќинското работење. Тоа што Општина Карпош е третата најзадолжена општина во Република Македонија, со долг поголем од 5 милиони евра, не е никаква пречка за продолжувањето со расфрлање на општински пари.
Стефан Богоев на 17 мај годинава, потпишал договор за одржување на 4 (четири) фонтани на територијата на Општина Карпош во вкупна предвидена вредност од 4 МИЛИОНИ денари.
Овој договор за одржување на фонтани е убедливо со најголема вредност споредбено со претходните години. Она што фрла сомнеж е тоа што во 2020 година за истите услуги бил склучен договор во вредност од 1,4 милиони денари, а една година претходно вредноста на договорот изнесувала 1,7 милиони денари.
Претходно, општината која драстично се задолжи за сервисирање на основните потреби на жителите, потроши 128.000 евра на претплати за мобилни телефони, 65.000 евра на печатење на „Карпош ИН“, 64.000 евра на патувања и сместувања во странство.”