На денешен ден: во борба против фашистичкиот окупатор загинал Дамјан Крапчев – основачот на ФК Работнички

На денешен ден 1944 година, на планината Плачковица, во борба против бугарскиот фашистички окупатор загинал Дамјан Крапчев, човекот кој седум години претходно го создал ФК Работнички од скопско Дебар Маало.

Во НОВ учествувал во диверзантската акција на рудникот Радуша (Скопско) во август 1941 година, од каде со соборците изнесле стотици килограми експлозив. При формирањето на Првиот скопски партизански одред на 22 август 1941 година, Крапчев бил избран за политички комесар. По расформирањето на Одредот, на 2 ноември 1941 година се илегализирал. Бугарската фашистичка полиција не можела да го пронајде.

Потоа заминал во партизани и станал политички комесар на Првиот скопски партизански одред. По временото растурање на одредот, се вратил во Скопје. Во јануари 1942 година се префрлил на Косово и во селата Бинач, Врбовац, Грнчари, Подгорец и други организирал народноослободителни одбори. Кога на 17 април 1942 година се формирал Вториот скопски партизански одред, Крапчев бил назначен за политички комесар.

На судскиот процес во Скопје (27 април – 9 мај 1942) во отсуство бил осуден на смрт. Извесно време бил борец во Скопско-косовскиот партизански одред (првата половина на 1943), во Шарпланинскиот партизански одред (летото 1943 година) и во Косовскиот народно-ослободителен баталјон, а од 26 февруари 1944 и во Третата македонска ударна бригада. Во мајската пролетна офанзива 1944 година, неговиот баталјон и Третата македонска ударна бригада учествувале во познатиот голем марш кон Пиринска Македонија, како и во многу борби против бугарскиот фашистички окупатор. На 24 мај 1944 година во борбите против бугарските фашистички единици на Плачковица, храбро загинал покосен од непријателски куршум.