Втор дел на трагедијата Распродажба на државно земјиште
Пишува: Благица Сековска – Проф. на катедрата за Рурална економија при Факултет за ветеринарна медицина.
За жал, земјата не е единствениот ресурс кој се граба. Следна на ред е водата. Словенија не случајно ја прогласи водата за природно богатство и го забрани со закон нејзиното оттуѓување. Транснационалниот институт го дефинира ова како ситуација кога моќни играчи ја одземаат контрола врз дистрибуцијата и редистрибуцијата над водните ресурси од локалните корисници или од локалниот екосистем. Примери за грабање на вода имаме кога се приватизира водата за пиење, хидроцентралите и системите за наводнување.
Како и во случаите со земјата и кај водата сѐ ова е легално, но не и легитимно, бидејќи не е во спротивност со законската регулатива (која често се прави по желба и нарачка на големите играчи), но во секој случај ги загрозува човековите права, а тоа се храната и водата како едни од основните човекови права. Грабањето на водата е уште еден пример на комодификација на природата, мотивирана од растечката популација и лимитираните ресурси. Ние, како мала земја, не треба да си го дозволиме луксузот на огромни земјопоседници на штета на сите граѓани. Решението може да биде продажба на земја само на регистрирани земјоделци и тоа само со цел окрупнување на нивното земјиште – и тоа на површина не поголема од 5 хектари, со обврска дека мора барем на 50% од површините да произведуваат производи за хумана или сточна исхрана, да се забрани пренамена на земјоделското земјиште во градежно и тоа да може да биде само на дел од површините по претходна педолошка анализа (само на почви со низок бонитет).
Исто така, да не може да се оттуѓуваат парцели поголеми од 50 хектари и тоа само во случај кога концесионерот ќе се обврзе да ги почитува агроеколошките мерки кои се на сила во ЕУ. На владите воопшто не им се допаѓа терминот land grabbing, бидејќи звучи многу сурови и ги соголува намерите, па затоа тие повеќе преферираат да користат консолидација на земјиштето, концентрација на земјиштето или откуп на земјиште во голем размер. Ваквите фенси термини се посоодветни за да се сокрие грубата реалност и да се прикаже како чин на економски развој и напредок. Тоа всушност и е напредок, но за земјопоседникот, како и за оној што ќе се омрси со мрсна провизија од дилот, но за сите нас останатите е предаторски чин од врвни размери. Сите овие фенси термини имаат за цел да го минимизираат ефектот на штетата што ја предизвикуваат и се реферираат на оваа постапка како исклучиво економски чин, занемарувајќи ги при тоа човечките права на локалните заедници, како и на граѓанството во целина.
Користењето на терминот грабање на земја ги променува перспективите и го поместува фокусот кон човековите права, наместо кон економскиот момент. Впрочем, сите многу љубат да го користат терминот одржлив развој, а при тоа забораваат дека одржливиот развој, освен за економскиот момент, се грижи и за еколошкиот и социјалниот момент подеднакво, но со овој пристап на легитимирање на land grabbing како економска реформа, социјалниот и еколошкиот момент се сосема избришани. Не случајно во социјализмот постоеше земјишен максимум, како мерка на аграрната политика. Тоа не беше социјалистичка мерка, ами анти-феудалистичка. Денес многу, дури и развиени земји се соочуваат со трендот на нов феудализам и реагираат против т.н. барони на земјата.
Грижливото стопанисување со земјата како ресурс треба да биде обврска на секоја влада, особено со грижата за континуирано обезбедување со храна или т.н. food security, што претставува доминантна тема и во научниот свет, а и во активностите на меѓународните организации кои го следат земјоделството, од гледна точка на обезбедување на храна, како што е ФАО. Какви мерки предлага научниот и стручниот свет за да се спречи оваа многу опасна и загрижувачка појава??
1. Драстично лимитирање на земјоделското земјиште кое може да биде пренаменето во градежно или друг вид на неземјоделско експлоатирање;
2. Прилагодување на законската регулатива во насока на групирање и зголемување на земјишните парцели на вистинските регистрирани земјоделци до одреден број на хектари, во зависност од стандардите на секоја земја поединечно, односно во зависност од бројот на хектари под земјоделски површини;
3. Стимулирање на вработувања во земјоделството, но само до големина на посед не поголем од 25 хектари;
4. Строги агроеколошки регулативи кои ја регулираат работата на фарма, од гледна точка на заштита на животната средина и зачувување на пејсажот;
5. Воспоставување на земјиштен максимум над кој ќе треба да се платат екстремно високи даноци, со цел да се дестимулира грабањето на земја;
6. Максимална транспарентност на институциите во процесот на поделба на концесии на државното земјиште;
7. Казни и екстремно високи даноци за сите што ќе прават шпекулативни продажби (продажби по многу повисока цена) на земјиштето кое било купено од државна сопственост;
8. Поддршка да се дава само на средни, мали и многу мали фарми кои се основа на производството на храна.
9. Да се даде приоритет на производители на храна, наспроти други видови на користење на земјиштето, а особено наспроти шпекулативни трансакции со земјата.
Претходниот текст на оваа тема може да се прочита на овој линк.