АктуелноЛокално

Апасиев: Богатите ќе се лечат, а сиромашните ќе умираат

Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, во своето обраќање за предлогот на Владата со кој се ограничуваат цените во приватното лекување, потенцира дека истиот не ги решава проблемите на сиромашните граѓани. Тој додаде дека иако предлог-законот на Левица беше поднесен пред владиниот предлог, сепак истиот не беше ставен на дневен ред.


„Реков дека здравјето и те како е политичко прашање и овој закон е социјално неправичен, бидејќи со овој закон сиромашните понатаму ќе умираат, богатите понатаму ќе се лечат.

Имено, со овој закон само го максимизирате профитот на сопствениците на приватните болници, но со тоа не му помагате на народот. Оној кој немал досега 12 000 евра, се подразбира дека ќе нема и 6 000 евра. Значи оној кој има, пак ќе има, затоа што него нема да му биде проблем, на богатиот, да плати и 12, нема да му биде проблем ни 6, меѓутоа оној кој живее со 40 денари на ден, а тоа се над 80 000 граѓани, или оние кои живеат со 2 евра на ден, тоа се пола милион од два милиона луѓе, на тие луѓе не им значи ништо овој закон. И за тие луѓе Левица предлагаше да има квота од 50 кревети за сиромашните во секоја приватна болница, ако се 2 или 3, тоа се 100-150 кревети во секој момент, меѓутоа овој закон тоа не го предвидува.

Имено ќе го прочитам само мислењето на Комитетот за економски, социјални и културни права, кој е востановен од страна на Обединети нации, врз основа на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, според кој државата е носител на обврската за заштита на правото на здравје на населението. Дел од оваа обврска може да се обезбеди преку давање на здравствените услуги на приватни субјекти, меѓутоа се прецизира дека „тоа нема да биде закана за достапноста, пристапноста прифатливоста и квалитетот на здравствените установи, услуги и сервиси“. Овој Комитет, врз основа на овој меѓународен пакт, е дециден дека здравствените установи, добра и услуги мора да може сите да ги допуштат. Ова се цитати од релевантни меѓународно-правни извори, кои по нашиот Устав се извор и на нaшето домашно право.

Исплатата на здравствените услуги, вели Комитетот, како и услугите поврзани со основните одредници за здравјето, мора да се засноваат на принципот на социјална правичност, притоа обезбедувајќи дека таквите услуги, независно дали се јавни или приватни, ќе можат да си ги допуштат сите, вклучително и социјално обесправените групи.

За жал, овој закон тоа не го овозможува, и затоа ние како Левица повикуваме на вашата совест, да го поддржите законот на Левица, кој не беше ставен на дневен ред, иако е поднесен пред овој закон. А за овој закон ќе гласаме воздржано.