Путин потпиша указ за привремено управување со имотот на непријателските земји

Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал указ за воведување привремено управување со имотот на лица од непријателските земји.

Во преамбулата на декретот се вели дека се потребни „итни мерки“ како одговор на незаконските дејствија на САД и другите западни земји насочени кон лишување или ограничување на правата на сопственост на Руската Федерација и нејзините компании.

Уредбата предвидува дека во случај на такви непријателски дејствија, ќе се воведе привремена управа над имотот што во Русија го поседуваат сопственици од непријателските земји, како реципроцитет.

Во оваа уредба е вклучен список на средства кои веќе се предмет на мерката привремено управување, а во моментов се вклучени и акциите на странските компании германскиот Унипер и финскиот Фортум.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев изјави дека Русија ќе одговори „око за око“ доколку Западот ги заплени замрзнатите средства.