АктуелноЛокалноСтав

Што може да очекуваме од новиот Закон за продажба на земјоделско земјиште?

Пишува: Благица Сековска – Проф. на катедрата за Рурална економија при Факултет за ветеринарна медицина.


Замислете си една ваква апокалиптична слика, земјата на која работеле вашите претци со генерации е одземена од вас и продадена на некоја корпорација да произведува непрехрамбени производи, како на пример маслодајна репка за биогориво или на пример канабис или нешто друго кое ќе биде попрофитабилно за сопственикот, кој можеби се наоѓа со километри подалеку од вашата земја. Земјата на која сте растеле и играле, сега е заградена со висока бодликава жица и вие немате пристап таму. Вие беспомошно гледате преку жицата како производителот ја испоснува безмилосно вашата земја со постојани монокултурни посеви и ја загадува со неограничени количини на хемикалии, не само земјата, ами и сите подземни води. Ова апокалиптично сценарио ви изгледа премногу? Мислите: не, тоа нема да ни се случи нам.

Лошата вест е дека вакви, а дури и пострашни слики веќе се случуваат во многу неразвиени и земји во развој и тоа во главно во земји кои се познати по високото ниво на владина корупција. Познато ви звучи, нели? За жал, ова е реалност на многу земји во Африка, Латинска Америка, Азија и Источна Европа. Оваа појава доби и свое име, многу неславно, но многу реално…се нарекува ‘land grabbing’ или грабање на земја. Ова име се користи за да се опише купување или на друг начин добивање на земја, на плодна земја, од јавни или приватни субјекти. Денес ваквите субјекти поседуваат милиони хектари на плодна земја ширум светот и оваа појава продолжува безмилосно да се шири по светот.

И еве, се спрема да дојде и во нашата земја, благодарение на нашата “мудра“ и “патриотска“ влада. Како што кажав, концентрирањето на големи површини на земја во рацете на еден човек и/или една организација или корпорација не е непозната работа во “врлиот нов“ неолиберален свет и позната е под името грабање на земја или land grabbing. Тоа е искуство што го искусија исто така и сите земји од бившиот источниот блок што влегоа во ЕУ, особено Романија. Хрватска, запозната со тие негативни тенденции и искуства, иако според правилата на ЕУ, земјоделското земјиште може (читај: треба) да се продава на странци 7 години по влегувањето во ЕУ, побара одложување на тоа правило за уште 7 години. А ние, малата и сиромашна Македонија побрзавме пред време да се подадеме.

Значи светските искуства, од кои може да учиме, веќе имаат негативни искуства со такви капиталистички предатори и грабачи на земја, како и сите негативности кои можат да произлезат од истото. Најблискиот пример е Романија, чии фармери од 2008 година (откако започна светската економска криза) наваму се соочуваат со невидени проблеми. И за жал, сето тоа се случува легално, со амин на нивните влади, а под превезот на напредок и зголемен економски развој.

Грабањето на земја се дефинира врз основа на 5 критериуми и тоа: големина на парцела, структура на грабнувачите на земја (тоа можат да бидат поединци, корпорации, институции), начин на контрола на земјата (при што и концесија или врзување со договори за квоти на локалното население може да е штетно, но само крајната продажба е потполно непоправлива), легалитет (најчесто овие т.н. грабачи на земја имаат легално покритие) и начин на користење на земјата, што е најголем проблем кој предизвикува најштетни последици и ќе биде подетално елабориран во текстот.

Грабнувањето на земја може да се дефинира како контрола (дали преку сопственост, закуп, концесија, договори, квоти или општо од позиција на моќ) на земјишни површини, поголеми од типичните локални земјишни парцели од страна на кое било лице или субјект (јавен или приватен, странски или домашен) на кој било начин („легален“ или „незаконски“) со цели за шпекулации, екстракција, контрола на ресурси или комодификација на сметка на селаните и малите фармери, животната средина, суверенитетот на храната и човековите права. Големината на парцела која почнува да се дефинира како грабање на земја во секоја држава е различен и зависи од одликите на земјишните парцели во таа земја. На пр. Во Романија секоја парцела поголема од 50 ха се дефинира како грабање на земја.

Но, да видиме од светските искуства што тоа значи грабање на земја и кои се реперкусиите за граѓанството? Ваквите продажби на големи парцели на државно земјиште имаат огромни реперкусии врз одржливоста на локалните заедници. Такви примери има безброј во Романија, земја која исто како и Македонија, беше силно погодена од корупција. Земјоделството, а со самото тоа и земјоделското земјиште како основа за развој на земјоделство е значаен природен, но и СТРАТЕШКИ ресурс на секоја земја од неколку причини:

1. Тоа, пред се, значи производство на храна. Ако една земја има свое производство на храна, тоа значи и одредена контрола врз стандардот на населението. Кога во една земја имаме многу мали фармери, тоа значи развиен пазар врз основа на понуда и побарувачка и цените се формираат врз основа на таа нормална понуда и побарувачка, односно со природни пазарни законитости. Доколку големи инвеститори, а особено странски инвеститори, поседуваат голем процент од земјоделското земјиште, тоа може да доведе до создавање на големи монополи за производство на храна вон контрола на државата, а со самото тоа пореметување на пазарниот механизам и неконтролиран раст на цените на храна, а со самото тоа пад на стандардот на населението. Сопственикот може да го извезува целото производство, или може да произведува индустриски непрехрамбени култури, или може да ја рента земјата на локалните фармери по многу повисоки цени, што исто ќе поведе до пад на стандардот.

Ова, исто така, ќе има дополнителни импликации врз буџетот, бидејќи сите мерки што владата ќе ги аплицира, во вид на субвенции за земјоделците, ќе одат кај една корпорација која ќе има најголем дел од тој државен колач на мерки за поддршка на земјоделството и спиралата на осиромашување на малите земјоделци, како и на граѓаните ќе оди во недоглед, кога со наши пари, буџетски пари ќе одгледуваме монструм и/или монструми што преку контрола на цените дополнително ќе го тенчат џебот на граѓаните, преку многу поскапа потрошувачка кошничка.

2. Последиците исто така можат да бидат еколошки, доколку сопственикот, особено ако е странец, одлучи да произведува високо интензивно земјоделство со голема употреба на хемиски средства, кои ќе предизвикаат пораст на загадувањето, или ако реши да произведува ГМО производи, или ако врши интензивна експлоатација и деградација на почвата со производство на монокултури, што во земја како нашата, со високо ниво на корупција и неефикасни инспекциски служби и тоа како ќе биде возможно. А исто така, може и да го пренамени земјиштето во градежно или во некаков руден коп (по 10 години, како што предвидува овој закон).

3. Последиците се и социјални, бидејќи со поседување на големи површини на земја, сопственикот може да врши промена на етничката структура на цели региони под превез на обезбедување на работна сила.

4. Државата нема да може да воспоставува контролни механизми за планирање и насочување, што особено може да биде критично при појава на било каква кризна ситуација, но и при воспоставување на мерки од областа на аграрната политика.

(продолжува)