Левица: Богдановиќ да си даде оставка доколку не може да се справи со урбаната мафија!
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица – ЛО Центар:
„Центарот на Скопје се’ повеќе наликува на бетонска џунгла за која никој од надлежните немаат никаква волја да се стави во ред. Секое ќоше од центарот на градот претставува плодна почва за профит на олигарсите. Експертите апелираат, градоначалникот крева раце, главниот архитект на проектот ја нарекува критичната маса „џафкачи”, центарци повторно ќе го извлечат подебелиот крај.
Па на сето тоа треба уште да сме „благодарни” што наводно за доброто на граѓаните и просторното уредување, проектот за три висококатници и трговски центар спроти Холидеј Ин бил направен со помала габаритност од дозволеното.
Не, проектот е направен со помала спратност затоа што не можете да ископате 10 спрата под земја за паркинг места, па поради ограниченоста на паркинг местата не можете да одите повисоко!
Дали самопрогласениот „единствен” архитектонски експерт Мартин Пановски, покрај анализата за личните финансиски придобивки ги направил и потребните анализи за ризикот од такви зданија на таа локација!?
Тоа што сакаме да го нагласиме, е дека покрај насилното гушење на Центар со бетонски чудовишта, токму тој дел од градот е и ризичен за изведба на ваков еден мегаломански проект. Имено, со оглед на тоа дека централното градско подрачје се наоѓа на трусно земјиште и подземни води, следниот голем земјотрес за жал никој не би можел да го предвиди, ниту пак неговата јачина. Факт е дека не постојат „несоборливи” згради. Кулите би биле проблематични и за евакуација, но и шутот што би настанал од нивно паѓање би загрозил животи во прилично голем радиус. Блискоста со коритото на Вардар е хазарден бонус. Токму тој шут би створил брана на реката, со што Вардар би се излеал од мајор коритото и би го поплавил централното градско подрачје!
Целокупниот урбанизам на Скопје, корелацијата на ваков тип објекти воопшто не одговара на јавното ткиво на градот.
Тука не може, а да не се постави прашањето – дали судот со укинување на мораториумот работи во служба на интересите на народот, или во служба на сопствената корист од локалните шерифи!? Дали мораториумот за градба во Центар беше тргнат само за да набрзина се реализираат спорните проеки додека СДС не ја загубила локалната власт!?
Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека иако се грижел за изгледот на центарот на градот бил немоќен да направи било што, иако и во Законот за урбанизам и домување има ставка според која се запира градење во случај на штета врз граѓаните. Повеќе од очигледно е дека тој не сака да превземе никаков чекор, со изговор дека не може.
Има и друг механизам – неговата оставка би резултирала со тоа да нема кој да го потпише одобрението за градба најмалку 6 месеци и целиот процес би се стопирал. Доколку тој навистина е загрижен како што вели, а е немоќен да им се спротистави на ликови како Мартин Пановски, кој патем е сопруг на директорката на СОРОС Фани Пановска Каранфиловска, нека сноси одговорност, или нека си даде оставка.”
БОГДАНОВИЌ ДА СИ ДАДЕ ОСТАВКА ДОКОЛКУ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРАВИ СО УРБАНАТА МАФИЈА! Центарот на Скопје се’ повеќе наликува…
Posted by Левица – Центар on Tuesday, April 13, 2021