Говор на омраза на социјални мрежи само со одлука на суд – Вистиномер да се стопира

Пишува: Ненад Живановски (докторирано на тема „Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите“)


Во мноштвото гадости кои секојдневно ги гледаме од овој хибриден режим, од пред неколку денови уште еден во низата „бисери“, со потенцијал секого од нас да нѐ засегне. Укинат е Фејсбук профилот на Миленко Неделковски. Причина: поради објавена фотографија на Хитлер, а во контекст на фудбалскиот натпревар Германија-Македонија. Невиден злостор, кој морал да биде санкциониран со гаснење на профилот. Веројатно препораката од овдешните провладини Фејсбук кодоши, со авторитетни звања факт-чекери и вистиномери, а, во основа, корисници на буџетски пари кои Заев сомнително им ги дели во „борбата против лажните вести“, била дека Миленко го злоупотребил правото на слобода на говор за да промовира говор на омраза и затоа треба да биде санкциониран.

Бидејќи на тие кодоши, кои се занимаваат со проверување и наметнување што е вистина, а што лага, што е слобода на говор, а што говор на омраза, врв на едуцираност која ги квалификува да се занимаваат со вака чувствителна тема, каква што се основните човекови права, им е завршено средно образование, би сакал да им објаснам јас, Ненад Живановски, (ако веќе морам да кажам, со докторат на тема говор на омраза версус слобода на говор), ЗОШТО ЗАСТАНУВАМ ВО ОДБРАНА НА МИЛЕНКО НЕДЕЛКОВСКИ:

1. Кога се оценува дали некоја изјава е говор на омраза, фокусот не се става на говорот туку на омразата. За кривичниот закон, кој го третира говорот на омраза, самиот говор, како таков, не е ниту добар ниту лош, туку тоа постанува од евентуално настанатите последици кои ги предизвикал, односно дали кај другите довел до создавање на чувство на омраза и, како последица на неа, и насилство од омраза. Значи, имаме каузално-последичен однос во релација говор+омраза=насилство. Доколку овие три чинители не бидат присутни и го немаме добиениот резултат, не можеме ни да зборуваме дека имаме говор на омраза и, последователно, насилство од омраза, туку сѐ си останува во доменот на слобода на говор, кој може да дегенерира во лага, вулгаризам, навреда или клевета, но тоа си е тема за граѓанските парници.

2. Она што е перфидната игра во современата либерална демократија, глобалните социјални мрежи и во марионетските хибридни режими, како нашиов, е што аргументацијата за борбата против лажните вести и говорот на омраза се темели на мерката превенција. Превентивна забрана на секој говор, кој може да доведе до омраза, а, потоа, можеби, и до насилство. И таквиот пристап нѐ воведува во една сива општествена зона во која живееме последниве години, да секаков говор кој нема да ви се допадне, кој е критика на власта, на некоја мултинационална корпорација, на западната демократија, или, најактуелно, на вакционата ковид политика, да може да се оцени дека во себе има потенцијал да предизвика омраза, злосторство, општествена штета и, поради тоа, ПРЕВЕНТИВНО МОРА ДА БИДЕ ЗАБРАНЕТ т.е. цензуриран. Резон: нема говор, нема говор на омраза. Треба да се омутави. Манипулативно-шизофрена ситуација пар екселанс.

Цената да се живее во демократијата е висока и затоа некогаш како општетсво сте принудени да слушате и толерирате говор кој нема да ви се допадне, кој оди по тенката линија на законитоста, па и преоѓа од спротивната страна на дозволеното. Но, токму тоа ја прави демократијата да е супериорна во однос на тоталитарните режими, а ликови како Миленко се пожелни на јавната сцена за постојано да ја потврдуваат таа величина на демократијата. Во поексремна форма за ова се залагал уште пред половина век Јирген Хаберманс кога предлагал да се озакони правилото судовите да не ги судат непослушните граѓани на ист начин како криминалците, од причина што секоја државно-правна демократија, која е сигурна во себе, само ја набљудува граѓанската непослушност како нормализирачка и неопходен составен дел на политичката култура.

3. Да не останам недоречен, да го објаснам исказот „да се толерира говор кој преоѓа на другата страна на дозволеното“. Како што напишав погоре, кога се оценува нечиј говор дали е говор на омраза, се вага дали тој има потенцијал да предизвика кај другите чувство на омраза и да поттикне акт на насилство. Како тоа да се направи, ако цензурата, како превентива, не е решението кое ѝ прилега на демократијата? Одговорот треба и мора да го даде надлежниот орган, а тоа во демократска и правна држава е САМО СУДОТ, и никој друг (никако не полуписмени транзициски „новинарчиња“, кои во паничен страв да не го работат она што им прилега согласно образованието (Baustelle), подготвени се на субмисивен и сервилен однос кон газдата, само како би ја задржале синекурата и комодитетот кој го пружа невладиниот сектор и „мрсните“ владини грантови).

Што треба да направи судот во вакви ситуации? Судот кога оценува дали нечиј говор е говор на омраза, треба да оцени дали авторот на тој говор има потенцијал самиот или оние кои го слушаат/читаат, да ја трансформираат вербалната омраза во дело од омраза и насилство. Тоа се постигнува така што на Миленко, но и на секој кој се посочува дека промовирал говор на омраза, судот ќе му ја оцени РЕАЛНАТА И РЕЛЕВАНТНАТА ОПШТЕСТВЕНА МОЌ, за да може изговореното да го спроведе во конкретен насилен акт.

Каква е реалната и релевантната општествена моќ на Миленко, за својот „говор на омраза“ да може да го трансформира во насилство од омраза, па (превентивно) да биде цензуриран? Миленко сега и Миленко од времето на Никола Груевски како премиер, се две различни личности според реалната и релевантната општествена моќ која ја имал тогаш и сега. Во времето кога премиерот Груевски му гостуваше во емисии, Миленко имаше општествена моќ својата омраза кон опозицијата, независните интелектуалци и критичарите на тогашната власт, да ја ефектуира во поттикнување на насилство на некој негов следбеник врз личностите кои тогаш тој така сладострасно ги боцкаше на флип-чартот. Таквата опасност се виде кога друг член од тогашната медиумска булумена на ВМРО-ДПМНЕ, Јанко-Јади бурек, преку своите радио и ТВ настапи придонесе и поттикна на насилство врз младите студенти кои протестираа на Плоштадот Македонија против проектот Скопје 2014. Улогата на овие режимски апологети, исто така, беше важна и во поттикнувањето насилство во Општина Центар и нападите на ЛГБТ заедницата.

Меѓутоа, овој сегашен Миленко не е оној Миленко од времето на Грујо. Сегашниот Миленко е една маргинализирана и небитна фигура, без било каква општествена моќ, многу често и предмет на подбив од оние кои го следат на социјалните мрежи и коментираат. Од друга страна, она што дава дополнителен легитимитет да биде толериран неговиот јавен збор, е и неговата антивладина декларираност. Да се замолкне некој кој е критичар на власта, колку и да е не релевантен и маргинален, а јавниот говор му е без пошироко влијание, е сензитивна работа за секоја власт која тврди за себе дека функционира врз демократски принципи. Оттука, помала штета за македонскиот демократски амбиент би била да се толерира тој и таков Миленко, отколку да се забранува и од него да се прави жртва.

Фокусот на сегашната власт и на нејзината медиумско-невладина булумента треба да се насочи, на пример, кон Бранко Тричковски, чие посакување на смрт на Груевски, во времето кога беше критичар на неговата влада, и посакуваната смрт на Антонио Милошевски, сега, кога е поддржувач на владата на Зоран Заев, се изјави од номинално ист автор, но со различна реална и релевантна општествена моќ.

4. Македонската Влада, по примерот на полската, мора да иницира да се потпише договор со Фејсбук, Твитер и другите социјални мрежи дека во Македонија цензурата е забранета, а забрана на јавно изнесен говор може да има само со судска одлука на македонскиот суд и социјалните мрежи мораат да се прилагодат на тоа кога станува збор за македонски профили; во спротивно, работата на социјалната мрежа која спроведува цензура би била забранета. Тоа практично значи: ако Фејсбук го забрани Миленко без одлука на македонски суд, тогаш државата треба да го забрани Фејсбук. Звучи парадоксално, но забраната на Миленко постанува парадигмата на она што на секого од нас може да ни се случи и, затоа, одбраната на неговото право на слободен говор е и одбрана на нашите права да не бидат загрозени во иднина.

Секако дека до таква забрана на Фејсбук нема да дојде и нема да бидат нарушени однoсите и работењето на глобалните социјални мрежи во Македонија, бидејќи тие и немаат увид што се објавува на македонски јазик, на македонски профили, наменети за македонска публика, туку би било порака до овдешните Фејсбук кодоши, дека нивното мислење дали нешто е говор на омраза не може да биде одлучувачко во суспендирањето на нашите човекови права и нашата слобода на говор.

5. Со оглед дека согласно Уставот на РС Македонија, во државата цензурата е забранета, а санкција за јавно изнесени ставови може да донесе само СУДОТ, му предлагам на Миленко Неделковски, заедно со неговиот пријател, бившиот судија, Владимир Панчевски, да поднесат тужба до надлежниот суд против Вистиномер, бидејќи нивното работење е спротивно на Уставот на државата. Договорот кој го имаат потпишано со Фејсбук да се прогласи за ништoвен и противуставен и проектот Вистиномер да се стопира од понатамошно имплементирање, се додека работата на овој правен субјект не се усогласи со Уставот и законите на државата во која е регистриран и делува.

п.с. Алал ти чуфте премиеру Зоран Заев до каква перверзна состојба успеа да го доведеш општеството, да принципиелно мораме де се солидаризираме со Миленко, поради тоа што финансиски поддржуваш неписмени лица да ти ја кројат медиумската политика. На крај, пак ти кабает и ќе наебеш, поради тоа што избираш погрешни луѓе со кои ќе си играте држава. Или, са ким си – такав си!?

Лондон, 03. 04. 2021