АктуелноЛокално

Левица: Уставниот суд закажа седница за Законот за двојазичност, објавен од Џафери без потпис на претседателот

ЛЕВИЦА – СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИ

„По повеќе од две години од поднесената Иницијатива пред Уставниот суд на РМ против т.н. Закон за двојазичност, кој беше прогласен без указ на Претседателот на Републиката – Уставниот суд ја покани политичката партија Левица на подготвителна седница, која ќе се одржи утре (четврток, 18 март 2021 година), со почеток во 10:00 часот, во просториите на судот, по што ќе следи изјава за јавност од страна на пратеникот, Димитар Апасиев.

Судија-известител, на која што и требаше енормно долго време да го подготви рефератот за овој контроверзен предмет, е судијката Вангелина Маркудова.

За потсетување на јавноста, ова е случајот за којшто нашата Партија, во предизборието, поднесе и кривична пријава за саботажа против поранешниот претседател на Уставниот суд – Никола Ивановски – заради неосновано чување на предметот во фиока, со што свесно се предизвикани тешко отстранливи последици по уставниот поредок на државата, затоа што овој т.н. закон почна да се применува од институциите, без никаков правен основ за тоа.

Убедени сме дека владејачката гарнитура, после скандалозниот избор на судијата Кацарска, сега го има потребното мнозинство за да воведе опасен преседан и да ја легализира оваа правна дивоградба – што ќе значи вовед во идна опасна состојба!

Укажуваме дека доколку се воспостави пракса законите да влегуваат во сила без неопходниот претседателски потпис, каква што е евидентната намера на Уставниот суд, Македонија ќе заплови во сосем непосакувани и непредвидливи води, од аспект на идни злонамерни повреди на начелото на поделба на власта и владеењето на правото.

Нормализацијата на овој штетен преседан ќе значи одврзани раце на секоја идна власт, надвор од Уставот, комплетно да го игнорира шефот на државата и целосно да го поткопа воспоставениот правен поредок.

Апелираме уставните судии, барем еднаш во својата кариера, да станат вистински „чувари на Уставот“ и да го надминат својот сервилен однос кон властодршците, носејќи ја единствената правилна мериторна одлука со која ќе го поништат овој екстремно штетен „закон“ кој, според зборовите и на домашната и на европската стручна јавност, комплетно ја парализираше Републиката со својот етно-трибалистички концепт, кој десеткратно го пробива и т.н. Рамковен договор.”


УСТАВНИОТ СУД ЗАКАЖА СЕДНИЦА ЗА „ЗАКОНОТ ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТ“, ОБЈАВЕН ОД ЏАФЕРИ БЕЗ ПОТПИС НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ По повеќе од…

Posted by Левица on Wednesday, March 17, 2021