АктуелноИнтернационалноЛокално

Левица – Владата набавува воена опрема од САД за 210 милиони долари

Политичката партија Левица објави реакција со наслов „Владата набавува 54 оклопни борбени возила и опрема од САД за 210 милиони долари“. Реакцијата ја пренесуваме во целост:


Додека македонското здравство е во колапс, а народот тоне во сиромаштија, Владата троши народни пари за субвенционирање на воениот апарат на САД. Имено, денес во САД излегоа информации дека Стејт Департментот ја одобрил набавката на 54 оклопни борбени возила, што било соопштено од страна на Агенцијата за соработка во областа на одбраната (DSCA).

Во сопштението се вели дека Владата на Македонија нарачала воена опрема во вкупна вредност од околу 210 милиони долари. Покрај 54 оклопни возила Страјкер, Владата нарачала и друг вид на воена опрема како: возила за пешадиски превозник М1126 (ICV) и командни возила M1130 (CV), како и митралези, фрлачи на гранати и придружни резервни делови, радија Харис, станица за управување со далечинско оружје (CROWS), GPS приемник за одбрана; AN / VAS-5 Driver’s Vision Enhancer; резервни делови и компоненти; посебни алатки и опрема за тестирање; публикации и технички прирачници; обуки; технички и логистички услуги за поддршка и други сродни елементи на програма и логистичка поддршка и слично.

Понатаму, во соопштението се вели и дека „продажбата ќе ја помогне надворешната политика и националната безбедност на САД“.

Оваа набавка е крајно скандалозна од неколку причини. Пред сѐ, трошењето на 210 милиони долари државни пари е неприфатливо и недозволиво во услови на огромна сиромаштија, здравствен и економски колапс. Од друга страна, покрај тоа што Македонија за членството во НАТО секоја година плаќа приближно 1 милион долари чланарина, како и токму поради членството во оваа воена организација, нашата држава е обврзана секоја година за буџетот за одбрана да издвојува 2% од БДП, односно 11 милијарди денари, колку што тој изнесува оваа година. Па ваквите дополнителни енормни буџетски издатоци за воена опрема произведена од САД се ништо друго освен искористување на нашата држава за финансирање на американскиот воен и империјалистички апарат, кој потоа служи за водење на нелегални војни и страдања ширум светот.

Фактот што оваа информација беше сокриена од јавноста укажува на тоа дека политичкиот естаблишмент во Македонија, без разлика на која партија ѝ припаѓа, иако не може да се договори околу државните интереси, сепак кога се однесува за воениот сојуз НАТО, заедно работи против интересите на народот. При тоа, државата и нејзините институции ги искористува само за унапредување на сопствените интереси и за добивање на поддршка од САД за продолжување на своето криминално и расипничко владеење.