Власта се соочува со тивок бојкот на пописот – слаб одзив на дијаспората, попишувачи нема

Додека власта не се откажува од намерите за спроведување попис на терен, очигледно кај граѓаните се јавува отпор кон ваквите владини политики. Последните информации кажуваат дека иако пописот почнува за две недели, на одредени места се` уште нема кој да попишува. Многу од тие што се пријавиле, не се појавиле на тестирање. Од Статистика ќе распишат уште еден оглас и убедуваат дека нема причина за страв од вирусот ниту на попишувачите, ни на тие кои ќе се попишуваат.

Дополнително, порталот ММС објави дека исто лице се пријавило во пет различни општини на јавниот повик за кандидати за попишувачи и инструктори, а на огласот на Државниот завод за статистика за претстојниот попис се пријавиле и кандидати кои се во редовен работен однос. Ова се грешки во списоците за пријавените кандидати за попишувачи и инструктори во сите 50 пописни реони кои ММС се обиде детално да ги провери.

Покрај лошиот одзив за попишувачи, власта се соочува и со бојкот во дијаспората – само 60.000 македонски иселеници се попишале. Како што информира Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, тоа е една четвртина од очекуваните бројки. Останува прашањето дали власта ќе го поништи пописот, како што беше ситуацијата во 2011 година, кога дел од албанското население го бојкотираше веќе започнатиот попис, поради што истиот беше прекинат.