Продолжете мои сакани, еден ден и нашиот народ ќе ја доживее слободата

Текстот е преземен од страната „Егејскиот дел на Македонија.”


Мајор Костадин (Дине) Суљев (1914 г. – 24.05.1948г.), роден во селото Черешница, Костурско, Егејски дел на Македонија – за тие наши соборци и херои – сеќавањата болат. Секоја битка, секоја воена акција на 18-та бригада на ДАГ, беше сврзана со јунаштвото и воената тактика на Македонецот Коста Суљев, од борците викан: КОМАНДАНТОТ – СУЉО. Тој беше еден од најмилените и најпочитуваните команданти во ДАГ и како таков го паметиме ние неговите соборци.

Сите борци го имаа соживеано од близу и во најтешките моменти во борбите, тој беше еден од првите кој несебично се грижеше за животот и на секој негов соборец. Тој беше човек што можеше да те гледа во очи и да ти ја кажува вистината. Го чувствувавме како брат и како татко. Се гордеевме со него, затоа што беше одличен стрелач и командир. Напредуваше: прво командант на група, на вод и на чета. Суљев Коста, заслужува многу подетално да се проучи во македонската воена историја; стратегија и тактика со посебна почит да се одбележат, не само неговата исклучителна храброст, туку и неговата тактика и воената стратегија применувана во една герилска војна, како што беше Граѓанската војна (1945- 1949) во Егејска Македонија.

Беше септември 1947 година, кога грчката армија со помошта на Англичаните (покасно со Американците) правеа воени операции за уништување на партизаните од планината Грамос и токму тогаш, повеќе единици на ДАГ преминуваа во областа на Вичо и Сињачко во Егејска Македонија. Така на 12 септември, непријателот беше принуден да го нападне и реонот Сињачко, а после една голема битка што траеше еден ден, скоро сите единици на ДАГ се префрлија во областа на Вич (планина) Егејска Македонија. Непријателското оружје почна да грми и во реонот на Вичо. Непријателот ги заседнуваше: Шестевската бука, Портата, Главата и Калугерица- скоро целиот реон од Костур до Лерин. На 22- 23.05.1948 година, неколку одреди од 18-та бригада заедно со Главниот штаб, бевме отседнати во Олискиот манастир и таму се припремаше нападот на полициската станица во селото Горенци.

Борбата за напад и елиминација на полициската станица, која беше сместена во селското школо, беше испланирана токму од главниот штаб на 18 полк на ДАГ, кој беше под команда на Пандо Вајна, Пецо Ромев, Суљев Коста, Васил Шаманов, Вангелис Харисопулос и други. Планот на напаѓањето беше од две чети и одбрани борци, на чело со Командантот Суљо. Влеговме во селото и од ќоше на ќоше се приближувавме кон училиштето, каде што беа загнездени полицијата и дел од единиците на МАИ (Селски наоружани единици кои беа приврзаници на грчкиот режим). Во позадина за обезбедување, резерви и спречување на доаѓање воени сили од Костур, беа ангажирани уште еден баталјон со две чети од баталјонот на Гианис Кеврекидис-ФОКАС. Борбата се разви и се слушаа пукотница и извици: „Ура а а а!”

Траеше неколку часа. Непријателот беше добро загнезден и пукаа од секои прозор. Се атакуваше од сите страни, но многу тешко можеше да се дојде до нивните позиции. Во еден миг се прочу и гласот на командантот Суљев кои со пиштолот во раце трчаше кон бункерот: „Ура а а!” Потоа се слушнаа многукратни рафали. Од борец до борац стигна и кобната вест: погина командантот. . .

Да, се пренесе кобната вест: навистина погина, неустрашивиот борец Коста Суљев. Тоа беше ноќта на 24. мај 1948 година, во селото Горенци, но пред смртта се покажа голем алтруист(човекољубец) и оддан другар и командант. Тој, откако беше погоден со силен рафал и пред да падне, најде сила да легне над рачната бомба која ја имаше активирано и сакаше да ја фрли во окното на бункерот на непријателот. Тоа го стори (легна над активираната бомба), за да се спасиме борците што бевме покрај него, а тој беше разнесен од експлозијата. Умираше и последните зборови му беа: …„продолжете мои сакани, еден ден и нашиот народ, ќе ја доживее слободата.

Суљев Коста падна верен на својот народ и на Македонија. Таа ноќ, ја паметам, беше многу морничава, но и нашето огорчување беше големо. Коста, за неговата смелост и борбеност беше наименуван за воен херој и посмртно унапреден во Мајор на ДАГ . Со особена почит кон мојот соборец и командант Коста Суљев.


10.07.2015 година, СТОЈАН КОЧОВ
Скопје, Писател и историски истражувач