Левица е единствена партија чии пратеници се откажаа од патните трошоци

Владата предводена од СДСМ, иако вети драстично намалување на патните трошоци, сепак тоа никогаш не го исполни. Имено, оваа година, иако Собранието скоро и да не работеше, за само 5 месеци, 75 од вкупно 120 пратеници во Собранието, подигнале вкупно 122 илјади евра како надомест за патни трошоци. 

Најмногу за патни трошоци наплатил пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов од Василево, кој добил 4,870 евра. На второто место се најде Сурија Рашиди од село Радолишта од Алијанса за Албанците кој добил надомест од 4,777 евра.

Следуваат уште двајца пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Петар Ристески од Прилеп со 4,092 евра и Јадранка Поцкова од Струмица со 3,968 евра. Следува пратеничката на ДУИ, Арбана Пашоли од Дебар, која наплатила 2,633 евра.

Понатаму во низата грабачи на „патни трошоци“ следуваат Ангелина Петкова од Гевгелија од ВМРО-ДПМНЕ (3,538 евра), Соња Михаиловска од Делчево од редовите на СДСМ (3,238 евра), нејзините сопартијци Панчо Минов (3,189 евра), Драгица Ѓавочанова (3,018 евра), Бети Рабаџиевска-Наумовска (2,791 евра), Лолита Ристова (2,387 евра) и Жаклина Лазаревска (2,369 евра). 

Од сите парламентарни партии, единствено пратениците на политичката партија Левица, како што најавија од самата партија во предизборието, се откажаа од патните трошоци и по тој основ немаат побарано ниту еден денар од Собранието.

Инаку, за овој проблем, Претседателот на Левица, Апасиев најави дека правниот тим на Левица е во завршна фаза со подготовката на предлог-законот за намалување на патните трошоци на пратениците. Нивното решение е патните трошоци да бидат изедначени со цената на автобуски билет.