Левица: Зголемување на туѓи права – ДА, но не по цена на губење на права на другите
Како координатор на Трудовиот Сектор на политичката партија Левица, но пред се како човек кој што веќе подолго време се залага за работниците, сметам дека фаворизирањето на поедини лица поради нивната етничка (и партиска!) припадност не смее да се спроведе во пракса!
Една од причините е вршењето на класично дискриминирање на кадарните работници кои што ќе бидат во потчинета положба поради неприпаѓање на одредена етничка заедница. Покрај тоа што е нечовечки и крајно несериозно, ова е спротивно и на Уставот на Република Македонија, поточно на чл.32 ст.2: „Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“.
Предвиденото фаворизирање кое што е најавено од Владата е класично кршење на оваа одредба, независно колку провладините медиуми и апологети на власта ќе се кријат зад убавите зборови за наводно зголемување на правата на етникумите. Зголемување на туѓи права ДА, но НЕ по цена на губење на правата на друг.
Во однос на законите, како lex generalis во оваа област се применува Законот за работните односи, закон чии што одредби се спротивни на предвидената мерка од страна на СДС и ДУИ. Имено, во чл.6 ст.1 од Законот за работните односи се предвидува:„Работодавачот не смее барателот на вработување (во натамошниот текст: кандидат за вработување) или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или ЕТНИЧКО потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.“
Фаворизирањето на “работниците“ од било која етничка заедница при вработувањето во приватниот или јавниот сектор не е ништо друго туку класична дискриминација на квалитетниот кадар на работници поради политички игри на владејачките партии и борбата за глас повеќе!
Квалитетниот кадар, независно од етникумот, мора да го добие соодветното работно место и тука нема простор за преговори! Од друга страна, секој кој што се стекнал со нешто кое што не го заслужил, потребно е да му биде одземено! Република Македонија нема никогаш да види прогрес и подобрување на работничките права доколку оди по оваа патека, дотолку повеќе, ќе стане држава која што уште повеќе ќе се задлабочи во политтичко-економско-социјална криза.
Стоп за штетните политики! Стоп за партиските вработувања!
Став на Бобан Кочовски, координатор на Трудов Сектор на Левица
Како координатор на Трудовиот Сектор на политичката партија Левица, но пред се како човек кој што веќе подолго време се…
Posted by Кочовски Бобан on Wednesday, March 3, 2021