АктуелноНастани

Разнишана Владата “на стаклени нозе”


Пред неколку дена ЛДП информира дека повеќе нема да дејствува во рамките на пратеничката група на СДСМ. Претседателот на Собранието Талат Џафери потврди дека ги добил известувањата од пратениците Павле Трајанов од ДС и Боби Мојсоски и Моника Зајковa од ЛДП, дека ќе делуваат независно од пратеничката група која ја предводи СДСМ, но се’ уште нема најави или пак формално известување дека ќе се формира нова пратеничка група.

Во понеделник, како што соопшти тој, ќе се одржи првата средба на работната група за измени или за нов Деловник во рамки на процесот Жан Моне. На таа прва средба треба да биде утврдена методологијата за работа. Не се знае кога Собранието ќе ја одржи првата наредна седница. Последната, на 16-ти февруари која започна, не беше изгласан дневниот ред поради немање кворум.

Причини за неможноста да се одржи седница се недоаѓање на пратеници од владејачкото мнозинство, проблемот во пратеничката група на ДУИ, како и противењето на опозициските партии да присуствуваат на седниците и да прават кворум за работа на Парламентот.

Џафери на средба со новинарите најави разврска на ваквите случувања во Собранието, особено за намерно недоаѓање на седниците од страна на пратениците од владејачкото мнозинство, односно поконкретно од пратеничката група на ДУИ.

Ова е прв пат функционер на ДУИ јавно да проговори за проблените кои подолг период тлеат во партијата. Плусинфо, повикувајќи се на информации од Мала Речица пишува за сериозните несогласувања кои постојат на релација Изет Меџити – Артан Груби, Бујар Османи. Меџити кој е предводник на чаирскиот огранок на ДУИ, еден од најсилните во партијата поддржан од уште двајца пратеници во Собранието практично ја опструира работата на партијата, која веќе подолг период поради внатрешни несогласувања не може ниту да ги избере партиските тела. Се најавува и можноста Меџити да биде тој кој што ќе поднесе интерпелација за Груби.

Поради тоа, Собранието практично е блокирано, а Владата останува без мнозинство. Проблемите во ДУИ ескалираат во време кога опозицијата најавува дека ќе го преземе мнозинството и ќе формира техничка Влада која ќе треба да подготви предвремени парламентарни избори заедно со локалните.