АктуелноЛокално

Македонија – депонија на токсичен отпад од Италија?

Неделникот Фокус објави дека италијански отпад влегува преку Албанија и Бугарија и завршува на депониите во државата. Во текстот се вели и дека ваквата шпекулација го засенува тврдењето на надлежните дека домаќинствата се најголемите загадувачи, па виновникот го бараат во мафијата со отпад. 

Додека институциите се плашат да го разбуричкаат ѓубрето, доброупатен извор за „Фокус“ открива како под превезот на легалното, се увезува забранет отпад. Како што се вели во текстот, ѓубрето излегува од Италија, во Бугарија и Албанија станува суровина, а потоа стасува во Македонија.

Оваа вест следи после неколкугодишни сомнежи дека нашата држава служи како депонија за токсичен отпад, што се поврзува и со високиот степен на канцерогени заболувања. Воедно, оваа информација фрла сомнеж и врз институциите и нивната улога во вакви меѓународни операции.  

Фокус веќе подолго време ја следи темата со токсичниот отпад. Во 2017 тие упатиле и прашање до Царинската управа на Македонија, во врска со опасен отпад кој од Италија влегол во Албанија. Прашањето гласи:

 „Италијанските медиуми пишуваат дека во 2016 година, 1.300 контејнери со отпад од Италија требало да поминат на граничниот премин Ќафасан, но исчезнуваат во Италија. Сепак медиумите посочуваат дека лани на овој граничен премин поминале 1.140 контејнери, за што ви доставуваме табела. Нашето прашање е што имаше во овие контејнери, дали отпад и каде завршиле, односно за каде завршиле. Во контекст на поставеното прашање што објавуваат италијанските медиуми. Ви ја праќам табелата (која е на албански), односно доказот дека на Ќафасан во 2016 година влегле 1.140 контејнери, но за нив не се прецизира дали е отпад“.