„19-ти МАЈ“: Првата терористичка група формирана од жени

Нова книга на историчарот Вилијам Росно (William Rosenau) ја истражува радикално левичарската група формирана во 70-тите во САД, позната под кратенката М19.

Среде општествените и политичките превирања во Америка во 70-тите, неколку жени се здружиле во група наречена „Комунистичка организација 19-ти мај“. Името на организацијата се однесувало на заедничкиот роденден на Малком Икс и виетнамскиот водач Хо Ши Мин, а нејзината идеологија била опишана како „револуционерен анти-империјализам“. Тоа е првата и (според историчарите) единствената терористичка група формирана и раководена од жени.

По формирањето во 1978, активностите на М19 ескалирале од лепење постери до грабежи на блиндирани возила и помагање на затворски бегства, меѓу кои на изработувач на експлозиви од порториканска националистичка група, по кого ФБИ трага и денес.

Но, по некое време, членовите на М19 самите почнале да прават експлозиви. На 7 ноември 1983 тие се јавиле во централата на Капитол Хил и ги предупредиле да ја испразнат зградата. Десет минути подоцна експлодирала бомба во северното крило – за среќа никој не бил повреден, но била предизвикана штета од 1 милион долари. Во текот на следните година и пол, групата поставила бомби и во канцеларија на ФБИ, зградата на Израелската воздухопловна индустрија и јужноафриканскиот Конзулат во Њујорк. Нападите се одвивале по слична шема: предупредувачки повик, експлозија, претходно снимена порака до медиумите, контра американскиот империјализам и воената машинерија на различни сојузници.

Кои биле овие домашни терористи? Една од нив се викала Линда Су Еванс, а нејзините радикални идеи се развиле во текот на студирањето на Мичиген Стејт, во текот на Виетнамската војна. Левичарските идеи ѝ биле дополнително нагласени со оглед на за тие времиња „несоодветната“ геј ориентација.

Една од најраните членки била и њујорчанката Сузан Розенберг и Италијанката Силвија Баралдини. Меѓу ретките мажи во неа пак биле Алан Беркман, доктор со завршена медицина на Универзитетот Колумбија, како и Тим Бланк кој се оженил со Баралдини за да ѝ овозможи американско државјанство (а денес е цвеќар во Њу Џерси).

Со текот на времето групата станувала сè понасилна, а нејзините членови попараноични, живеејќи во заедница и менувајќи ги имињата и изгледот. Сето тоа до 1985, кога властите успеале да ги фатат најистакнатите членови, со што групата згаснала. Нивните активности не предизвикале човечки загуби, но тие располагале со неверојатен арсенал на оружје (динамити, узи машинки итн.) што поттикнува претпоставки дека поставувањето бомби било само вовед во нешто посериозно.

Според авторот на книгата, фактот што групата била основана од жени можеби била реакција на сличните групи од радикалната левица, како Ведер Андерграунд, кои биле прилично мизогини и нетолерантни кон расните малцинства. Дополнително, авторот Вилијам Росно потенцира дека одделното проучување на ваквите групи, особено на помалите и помалку познати, можат да дадат поинаква слика од онаа големата за терористичките групи кои имаме тенденција да ги спојуваме и изедначуваме, иако тие се далеку од хомогена појава.