Левица: Дворот на битолската болница е депо на медицински отпад
Од Локалниот огранок на Левица од Битола реагираа за состојбата во која се наоѓа битолската болница. Од таму реагираат дека поради катастрофалните услови во кои се наоѓа битолската болница повеќе изгледа на извор на зарази и болести отколку на здравствена установа.
„Дворот на болницата е претворен во складиште на медицински отпад, од каде што се шири смрдеа и потенцијална зараза за минувачите. Додека се трошат милионски суми за скапи мебели на функционерите, здравствениот систем е тотално колабиран, без никакви стандарди за селекција на контагиозниот медицински отпад, ниту пак грижа за здравјето на пациентите на граѓаните.
Бившиот директор од кадарот на СДСМ – Зоран Лазаров, кој замина во пензија во јануари 2020 година и главната сестра Радмила Бајовска, која даде отказ во ноември поради сомнение за проневера за што се води и постапка, се дел од главните виновници за моменталната ситуација на градската болница. Нефункционалноста на апаратурите за томографија и рентген, внатрешните нехигиенски услови кои несомнено шират сепса и зарази, како и дворот кој е претворен во депонија на медицински отпад – доволно сведочи за грижата и приоритетите на владејачкиот естаблишмент.
Со вакви корумпирани политики на власта, очекуван е извештајот кој ја рангира Македонија на 111 место во однос на корупцијата, што е најлоша оценка од 2001 година. Иако со децении се уништува јавното здравство и единствено се користи за поединечно богатење на корумпираните претставници на власта, нема никаква санкција и одговорност од страна на институциите кои се целосно заробени и партизирани во скутот на секоја власт.” – се наведува во реакцијата на ЛО Левица – Битола.
СОСТОЈБАТА НА МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО ВО ЕДНА СЛИКА Ова се катастрофалните услови во кои се наоѓа битолската болница,…
Posted by Левица – Битола on Monday, 1 February 2021