Крмов: Само во Македонија во Законот за попис отсуствува методологијата – за разлика од европските држави
Пратеникот од Левица, Борислав Крмов во своето гостување во „Само вистина” зборуваше за престојниот попис, недоследностите во законот, како и за моќта и уцените на ДУИ.
„Не може пописот да се споредува со изборите. Зошто? Затоа што на избори според цензусот гласаат нешто над 50% од граѓаните и тоа само граѓаните кои се над 18 години. Кој процент е тоа од целокупното население? Додека на пописот се’ се попишува. Од мали бебиња до најстари граѓани. Вие кога гласате го правите тоа за брзо време, а додека за пописот, во една фамилија од четири члена, попишувачот може да се задржи и повеќе од еден час додека да ги внесе сите информации.
Значи се работи за апсолутно поинаква ситуација.
Второ, се зборуваше дека требало да има соработка од сите фактори. Како може да има соработка од сите фактори кога овој закон се бутка на сила, без консензус? Јас повеќе пати истакнав и пак ќе истакнам дека овој закон беше пуштен во нормална (редовна) постапка. Бидејќи сите знаеме колку е овој закон важен, на координациите со претседателот на Собранието Џафери и претставниците на другите политички партии јас, видно вознемирен, прашував колку време имаме за амандмани, колку време ќе имаме ние да се подготвиме, како и други прашања, но бев уверуван дека се’ ке биде во најдобар ред и дека нема потреба од загриженост. Подоцна, за време на маратонската седница за ГАМА која треше 21 час, се повлече законот за попис, за отпосле експресно да се пушти по скратена постапка, а ние не ни добивме известување како пратеници дека е пуштен по скратена постапка. Наредниот ден имавме седница до 17 часот и имавме само 18 часа да подготвиме амандмани. Наредните два дена тие ѓи тераа екстремно брзо и сите амандмани на опозицијата беа одбиени, а огромен дел од нив беа суштински.”
Тој дополна дека во законот нема дефиниции за пописни единици, нема дефиниции за карактеристиките кои што ќе се собираат, нема толковник за поимите, нема рокови.
„Ние немаме постпописно истражување, кое што се прави со еден до два проценти од веќе попишаното население, за да се споредат информациите и да нема некои големи отстапувања. Значи, методологијата тотално отсуствува.
Како за крај, ние имаме воведено врзан потпис на директорот на ДЗС и неговиот заменик од ДУИ. Јас ги прегледав околу десетина закони од европските земји кои што планираа оваа година или наредната да прават попис, меѓу другото најголем дел од нив го одложија пописот и сите ја имаат методологијата. Сите! Таму ги имаат сите тие дефиниции за кои што ние се обидовме амандмански да интервенираме во нашиот Закон за попис, а тие ги одбија. Ни го подметнаа законот за време на мартовската седница за ГАМА со скратена постапка за да ни го скратат времето за подготовка. Каде тука станува збор за консензус?
Нивното оправдување беше дека методологијата и сите тие работи што се с’ржта на законот, што се бараат по Евростат, што се бараат по Обединетите Нации, му се дадени, според член 17, на директорот да ги одредува, а според став 3 од членот 17, сите тие одлуки мора да ги одобри заменик директорот. Значи ние веќе немаме ни директор на ДЗС, туку имаме кодиректор на ДЗС. Со тоа се деградира функцијата на директорот на ДЗС и институцијата – Државен завод за статистика.
Од друга страна, директорот на ДЗС – Апостол Симовски, кој што се закануваше на граѓаните дека ќе ги казнувал и ќе ги носел во затвор, имаше интересна изјава во која вели дека во првиот момент на политички притисок за да се смени нешто тој немало да попушти, а на првиот политички притисок со самото воведување на врзан потпис, тој веќе има попуштено.