АктуелноЛокално

Реакција на Сектор култура на Левица по повод именувањето на Васил Бубев за нов директор на НУКЦ „Антон Панов“ Струмица

Од секторот за Култура на Левица реагираат за партискиот упат во институциите на културата. Во реакцијата се вели дека власта, со својата кадровска политика ги партизира сите пори на општеството па така и културата.

„Актуелниот директор на ЈГДУ „Детска радост“ од Струмица Васил Бубев е избран за прв човек на НУКЦ „Антон Панов од Струмица. Бубев е именуван од страна на министерката за култура Ирена Стефоска, а според нашите сознанија, Бубев веќе го добил Решението со кое се назначува за директор на оваа установа. Деновиве се очекува да завршат правно формалните работи, по што Бубев, официјално ќе ја превземе оваа функција.“ се вели во реакцијата. 

За Секторот ваквата одлука за именување на Бубев како директор на оваа позиција особено е скандалозна затоа што за оваа позиција, покрај претходно споменатиот Васил Бубев – кој е наставник по физичко воспитание – аплицирале и кандидати меѓу кои и културен менаџер со мастер студии на Унеско катедрата за културен менаџмент при Универзитетот за уметности во Белград и десетгодишно искуство со проекти во полето на културата; и културен деец – дипломирана актерка, со две децении официјален работен стаж и 30 годишно искуство во истата културна институција за која се бираше директор, што значи добро запознаена со проблемите на Центарот за култура. Сепак, Министерството за култура т.е. министерката Ирена Стефоска за прв човек на оваа културна институција го избра најнекомпетентниот кандидат за една ваква позиција, кој евидентно е веќе добро упатен во партиските протоколи. Како наставник во основно училиште, ставен е на позицијата директор во градинката „Детска радост“ (од каде неофицијално заради проневери е тргнат), а сега е унапреден и на позицијата директор на НУКЦ „Антон Панов од Струмица.

Во истата реакција се предупредува дека ваквите контроверзите на оваа струмичка институција не се нови. И дека досегашниот В.Д. директор на НУКЦ „Антон Панов“ Ванчо Ристов незаконски бил реизбиран седум пати, за со петиции да се извојува распишување на конкурс за избор на нов директор. И покрај сé, очигледен е непокорот на струмичките уметници кои даваат отпор дури и во најсилниот СДС бастион.

По повод овој скандал уметниците од Струмица веќе негодуваа против изборот на овој партиски апаратчик, а веднаш е потпишана и испратена петиција до Министерството за култура.

Во фејсбук статусот на струмичанката Маја Велкова, која меѓу првите реагираше за овој скандал пишува: „Во предвид е земено неговото долгогодишно, да не речам вечно, директорско искуство исклучиво со јавни институции т.е. институции на државна цицка! Е, сега сме мирни и со силна верба дека сите проблеми на културните работници во НУЦК „Антон Панов“ ќе бидат со сигурност решени!!! Тоа е таа ДЕПАРТИЗАЦИЈА НА ОПШТЕСТВОТО и тие НЕЗАВИСНИ МИНИСТРИ кои носат одлуки со „своја“ глава!“.  

Сликарот Никола Пијанманов пак на својот Фејсбук профил се обрати до културните организации блиски до власта, повикуваќи ги да го кренат својот глас: „Се прашувам, зошто ги нема скопските организации, Јадро, културните работници со големо влијание во фелата, да се вклучат, да проговорат за овој скандал?! Сме потпишувале петиции за МКЦ, сме помагале за одржливост на скопската културна сцена. Каков е овој молк и незаинтересираност. Луѓе, ако се злучува ова овде и на ваков дрзок начин, утре ќе ви се случи и вам!“

Поетот Митко Гогов од Струмица исто така реагира: „Труло е ова општество, на моменти малку надеж, за веднаш потоа да те фрлат уште подлабоко во амбисот. Оваа држава тешко дека некогаш повторно ќе раѓа среќа, радост и желба за (културен) прогрес, очигледно дека сме лулка на хипокризија, предатори и плитки, прости партиски потрчковци. Струмица уште долго ќе се мачи без суштински реформи во јавните институции од културата во градот, а ваквите избори само уште толку го бетонираат мракот“.         

Срамота министерке! Најискрено, во вас имавме надежи. Со ова докажавте дека решенијата во оваа држава се носат единствено во локалните партиски штабови! – пишува уметникот Никола Пијанманов од Струмица.