АктуелноЛокално

Амбасада на Русија: Македонија до сега нема побарано од нашите вакцини иако пред 5 месеци им беа понудени

Руската амбасада во Скопје известува дека во неколку наврати ја информирала македонската влада за можностите за испорaка на руската вакцина, но македонска страна не покажала интерес за Спутник V.

– Амбасадата на Руската Федерација во повеќе наврати ја известуваше Владата на Република Северна Македонија за можности за соработка во испорака на руската вакцина. На 18 август, пред пет месеци, го информиравме министерот за здравство Венко Филипче, дека доколку е заинтересирана Владата, Рускиот фонд за директни инвестиции, кој ги има ексклузивните права за производство и продажба на «Спутник V» во странски земји, може да започне разговори за сите прашања од интерес во однос на вакцината и нејзината набавка, велат од таму за Канал 77.

Исто така и на 25 септември било испратено писмо и до шефот на Националниот комитет за имунизација, професор Александра Грозданова, за подготвеност да се одржи состанок во формат на видео конференција за да се разгледат сите прашања околу вакцината, но Руската амбасада информира дека до сега немаат добиено одговор на овој предлог.

Од таму соопштуваат дека македонските граѓани можат да добијат пристап до руската вакцина, ако Владата се одлучи за набавка на руската вакцина, а Рускиот фонд за директни инвестиции е подготвен да започне преговори, вклучително и за испорака на вакцината, која „секако ќе биде достапна по најконкуретната цена“. 

Оваа информација следи откако премиерката на Србија Брнабиќ изјави дека има проблеми со регистрацијата за најавените 8.000 вакцини за Македонија.

„Имаме договор, разговараа премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ реши да им помогне со 8.000 вакцини. Ние помагаме да се регистрираат вакцините „Фајзер“ во Северна Македонија. Ние работиме со нив. Проблемот може да биде во тоа што тие добиле вакцини „Фајзер“, но не биле регистрирани. Поентата не е само да се дојде и да се купи вакцината, но има многу повеќе работи зад завесите. Регистрација од соодветната агенција, план за вакцинација. Ние сме една од ретките земји што имаме соодветен информативен систем. Нашите граѓани знаат како да се пријават за вакцината, сè е транспарентно. Слушнав приказни од луѓе од други земји каде велат дека немаат идеја како да се пријават, кои им се приоритетни групи“, изјави Брнабиќ.

Таа информираше дека со изутринава ја надминале бројката од 50 000 вакцинирани лица во Србија.