Левица: Богоев продолжува со расфрлањето на општинските пари

Мартин Димоски, член на Централниот Комитет и Модератор на Локалниот Огранок – Левица Карпош, денес одржа прес конференција во врска со расфрлањето на општински пари и покрај катастрофалната финансиска состојба на Општина Карпош со долг од 5.2 милиони евра, што ја прави трета најзадолжена општина во Република Македонија.

„Стефан Богоев како градоначалник на Општина Карпош склучил договори за закуп на простор во печатени медиуми. Вкупната вредност на договорите изнесува 3.000.000 денари односно 2.580.000 денари повеќе во однос на договорите што за истата услуга кај истите медиуми ги склучиле Општина Гази Баба и Општина Кочани.Покрај овие договори, Стефан Богоев минатата година склучи договори од илјадници евра за спроведување на прес-клипинг од илјадници евра. Еден од нив е и договорот со лицето Никола Спасов, син на поранешниот генерален секретар на СДСМ, Ѓорѓи Спасов.
Токму нерационалното и недомаќинско трошење на општински пари е главната карактеристика на досегашното владеење на Стефан Богоев и СДСМ со Општина Карпош. Изговорите дека тоа се прави во интерес на жителите и општината повеќе не поминуваат кај Карпошани, рече Димоски.

На крај тој потенцираше дека токму Карпошани се тие кои ќе го казнат Богоев и Социјал Демократскиот Сојуз на следните избори, не само за нерационалното трошење пари, туку и за бетонизацијата и неисполнетите ветувања.

Во прилог следи целата прес конференција.