Мирјана Најчевска: Непристоен ум во пристојно тело
Пишува: Лазар Гогов
Мирјана Најчевска инсистира на потребата да се зголемат напорите за борба против говорот на омраза. Но, таа заборава дека за ефикасна борба против говорот на омраза, од суштинско значење е да се направи разлика од критичкиoт говор од уверување или право. Говорите на Апасиев не само што не се говор на омраза, не само што тие се критички говори водени од негови лични уверувања, туку неговите говори никаде не ја повредиле демократијата за да можеме да ги окарактеризираме како пропаганда на омраза кои би биле санкционирани од судската власт.
За да се утврди разлика на некој говор на омраза од други говори, за да се утврди дали некој говор е исполнет со омраза, треба да испита дали некоја здраворазумна личност информирана за релевантниот контекст и околности размислувала објективно во смислата дали неговите зборови изложуваат или веројатно ќе ги изложат на омраза членови на критикуваната група.
Говорите може да се сметаат за говори на омраза само во случаи кога омаловажувањето е екстремно и флагрантно. Треба да се внимава и да се испита контекстот во кој се дава изјавата и да се истражи дали постои веројатност за критикуваното лице или група да биде изложено на омраза од други лица. Одвратната природа на искажаните идеи не е сама по себе доволна за да се оправда ограничувањето на изразувањето, како во случајот со изјавата дека децата на буржоазијата ќе плукаат крв, изјава која сама по себе има библиско атавистички корени: „За гревот на татковците што Ме мразат ги казнувам децата, до третото и четвртото колено.“ (Стар завет, Второзаконие 5:6-10)
Непобитен факт е дека Мирјана Најчевска со забраната на говорот на омраза сака да цензурира идеи порепознавајќи ја нивната опасна позадина на класни интереси на една мнозинска социјална група во земјата односно да го принуди Апасиев да размислува „правилно“ или политички коректно. Најчевска е толку малициозно нечесна што никогаш нема да признае која е намерата на нејзиното „стигматизирање“ на говорите на Апасиев – да им ја одземе нивната класна содржина и да ги претвори во ставови на политичка коректност кои никогаш не биле ниту ќе бидат загрозувачки за системот, во случајов, капитализмот. Односно, Најчевска сака да ѝ порача на јакобинската омладина: „Сè ви е дозволено, можете да уживате во сè, НО лишено од неговата супстанца што го прави опасно.“ Проблематичната супстанца опасна за системот дури не е наводниот говор на омраза на Апасиев, туку Левица која во огромната маса осиромашени Македонци го наоѓа своето материјално оружје, а овие осиромашени слоеви на македонскиот народ во Левица го наоѓаат своето духовно оружје.
„На денешниот пазар, наоѓаме цела низа производи лишени од нивната малигна особина: кафе без кофеин, крем без маснотии, пиво без алкохол … И списокот продолжува: виртуелен секс како секс без секс, доктрината на Колин Пауел на војување без жртви (од наша страна, се разбира) како војна без војни, современото редефинирање на политиката како уметност на експертско управување како политика без политика, па сè до денешниот толерантен либерален мултикултурализам како искуство на другиот лишен од својата другост? Виртуелната реалност едноставно ја генерализира оваа постапка на нудење на производ лишен од неговата супстанца: таа ја обезбедува самата реалност лишена од нејзината супстанција – на истиот начин на којшто кафе без кофеин мириса и има вкус на вистинско кафе без да биде вистинско, виртуелната реалност се доживува како реалност без да биде реалност. Зарем ова не е ставот на хедонистичкиот последен човек? Сè е дозволено, можете да уживате во сè, НО лишено од неговата супстанца што го прави опасно.“ (Жижек, Филџан реалност без кофеин)
Цензурата на која Најчевска толку настојува против она што го зборува Апасиев го рефлектира само недостигот на самодоверба во себе кај нашето класно поделено општество. Говорите на Апасиев кои Најчевска ги нарекува говори на омраза се говори кои му го разобличуваат на класното општество сопствениот срам. Ако Најчевска како апологет на либералната демократија не верува во слободата на изразување за Апасиев кого таа очигледно го мрази, тогаш ниту таа верува воопшто не верува во оваа слобода. Во тој случај, таа е обичен буржоаски лицемер-морализатор. Може да се каже дека ораторот Апасиев и цензорот Најчевска се разликуваат во ова: првиот е пристоен ум во непристојно тело а вториот е непристоен ум во пристојно тело. Слободата на изразување не смее да биде укината само затоа што таа го навредува моралниот код на цензорот. Либералната демократија на Најчевска е идеја што секогаш ќе се посрамотува ако зад неа не стои класниот интерес на заштита на интересите на економски најмоќната класа во нашето општество. Класното општество на Најчевска никако не може да биде некоја вистинска демократска заедница, туку тоа е само сурогат на заедницата. Во него егзистира личната слобода само за поединците кои се развиваат во условите на владеачката класа олицетворена во политичко-економската олигархија и само доколку сте како Најчевска припадници или апологетски сикофанти на таа класа.
Изјавите, иако одбивни и навредливи, кои не поттикнуваат извршување, оцрнување и отфрлање што ризикуваат да доведат до дискриминација и други штетни ефекти, не претставуваат говор на омраза. Накратко, само затоа што Најчевска смета дека коментарите на Апасиев се за „морална осуда“ не значи дека тие се нужно говор на омраза. Според судските власти во западните либерални демократии сè додека некое лице со својата форма на изразување не ја изложува критикуваната група на омраза, тоа лице останува заштитено со слободата на изразување.
Во револуционерната 1789 година, Декларацијата за правата и слободите на човекот и граѓанинот (член 11) го прокламираше принципот на слобода на изразување, во говорот, како и во пишувањето и печатот. Секој револуционерен клуб или група издавале свој периодичен весник, особено мас-медиумските кампањи беа клучни за пристапот до власт на милитантното малцинство со име јакобинци.
Законодавците на младата буржоаска демократија биле доволно свесни за ризиците што ги носи нескротливиот печат. Како што кажавме, во членот 11 од Декларацијата се вели дека граѓаните можат слободно да се изразат, но мора да одговорат „за злоупотреба на таквата слобода во случаите пропишани со закон.“ Во обидот овие индикации да бидат поконкретни, на 20 јануари 1790 година, Емануел Сиејес и Гај-Жан-Баптист Тарге му го претставија на Уставотворното собрание предлог законот „sur les délits de presse“ (за деликтите на печатот): публикациите можеле да се санкционираат доколку поттикнат непослушност кон законот или бунтовнички дела, ако го навредувале кралот, изразувале лоши зборови или го навредувале општествениот морал. Во текот на револуцијата, сите последователни влади се бореле да го стават печатот под контрола, почитувајќи го генералниот принцип на слобода на изразување, или она што Жижек би го нарекол новинарство без инкримирачко истражување!
Овие напори за регулирање на печатот биле осудени од некои истакнати револуционерни водачи. Во говорот упатен до Здружението на пријателите на уставот, на 9-ти мај 1791 година, Максимилијан Робеспјер, политичкиот идол на Апасиев, изјавил дека:
„Сите санкции изречени на списите, под изговор за потиснување на злоупотребите на печатот, се претвора целосно во уназадување на вистината и доблеста и во профитирање на порокот, грешките и деспотизмот.“
Друг противник на цензурирачкото законодавство бил Жан-Пол Мара, кој го уредувал „малигниот“ (Жижек) L’Ami du Peuple. Мара се залагал за „неограничена слобода на печатот“ колку што е потребно за да се контролира работата на владините службеници: „Слободата да се каже сè има непријатели само кај оние кои сакаат да ја задржат слободата да направат сè. Кога е дозволено да се каже сè, вистината зборува за себе и нејзиниот триумф е сигурен.“
Неговиот весник го користел и за да ги нападне сите кои ги сметал за политички непријатели на Револуцијата: „Јас ги знам сите опасности на кои се изложувам зборувајќи против вас на овој начин. Но, не очекувајте да ме замолчите. Имам вечна омраза кон вас сè додека ковате заговор против слободата.“ (Мара во својата новинарска кампања против генерал Лафајет)
Како и еден Робеспјер или Мара, наместо да ужива во благодетите на спокојниот живот на кариеризам како универзитетски професор Апасиев избра да ги жртвува своите денови и часови во разобличување на неправдите извршени врз слободата на македонскиот народ и во доследна осуда на нападите против неговите права. Храбри луѓе се Апасиев и неговиот соборец Борислав Крмов, кои непрестајно ја провоцираат омразата на моќните луѓе од власта и корумпираните опозиционери од ДПМНЕ, и ја презираат нивната индиферентност.
Одговорност на секој е да се осигура дека неговите зборови веројатно нема да предизвикаат кај разумна личност омраза кон членови на одредена група. На пример, изедначувањето на сите Албанци со терористи очигледно ќе предизвика омраза. Од друга страна, искажувањето на мислење за канцерот на принципот на консензуално прајмминистерување меѓу СДСМ и ДУИ нормално не треба да се сфаќа како поттикнување омраза! Една вистинска левица не ги мрази капиталистите за наемното ропство. Таа знае дека тоа не е вина на било кој индивидуален капиталист или дури капиталистичка фирма. Една вистинска левица разбира дека тие се само агенти на системот кои се исто така доминирани од неговите закони како и работниците. Ако капиталистите продолжат да вработуваат луѓе кои не произведуваат доволно профит за фирмата, тие веројатно ќе излезат од бизнисот. Капиталистите кои остануваат капиталисти се тие кои верно се потчинуваат на економските закони на капитализмот. Системот е тој што сноси вина и Левица го знае тоа многу добро во контекст на атавистичката клетва од Библијата.