Левица: Уставен суд да го поништи законот за ГАМА
Левица денес поднесе ПРЕТСТАВКА за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на РМ и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба (од 28 декември 2020 година).
Членот на Централниот комитет на партијата, како и член на Правниот сектор на Левица, Саше Јанчев на денешната прес конференција пред Уставниот суд ги образложи причините за оспорувањето на овој закон.
Партијата ја осудува злоупотребата на моќта на државниот апарат наспроти правото.
„Најголемата моќ во општеството ја има државниот апарат, а со таа моќ доаѓа и можноста за злоупотреби на таа моќ од поединци за поединечни интереси, а на сметка на сите останати. Заштита од злоупотреба на таа моќ ни е владеењето на правото, рамката од која што не смее да излезе власта во владеењето е Уставот, а на 28 декември 2020, Собранието на Македонија донесе Закон за решавање на спорот помеѓу владата на Р. Македонија и Макпетрол по пат на спогодба во кој е предвидено една акција, којашто вреди 19.000.000 (деветнаесет милиони) евра, да му се плати на Макпетрол по цена од 33.000.000 (триесет и три милиони) евра“, рече Јанчев.
Според правниот тим на Левица, уставноста на овој закон е спорна, поради четири причини.
„Прво е пробиена тријалистичката поделба на власта на Законодавна, Извршна и Судска. Имено, законодавниот дом пробува да реши судски спор стар 15 години и со тоа прави упад во надлежностите на судската власт и делува како вонреден суд што е изречно забрането со Уставот. Друга работа е што законот е привилегирачки, се рашава спор само на една компанија, а сите останати компании, коишто имаат судски спорови со владата се тргаат на страна. Воедно законот е и фаворизирачки, затоа што се нарушува правната еднаквост на економските субјекти, која е гарантирана со Уставот, трета работа е што никаде не се спомнува кој ќе го плати данокот на капитална добивка, а според Устав сите субјекти се должни да плаќаат данок и јавни давачки. Четврта работа е што од никаде во законот се инволвира трето незаинтересирано и неинволвирано лице, а тоа е „А.Д. Национални енергетски ресурси” (НЕР АД Скопје), кое е во државна сопственост и кое е инволвирано со цел преку него да се направи наплата, тоа е најверојатно така, затоа што Владата сака да ја тргне од свои раце евентуалната идна кривична одговорност“, нагласи Јанчев.
На крај тој потенцираше дека, доколку се спроведе овој закон, штетите што следат се непоправливи по Републичкиот буџет, а неизбежна е и опасност по правната сигурност на граѓаните и компаниите. Поради овие причини Левица бара преиспитување на уставноста на овој закон и целосно поништување на истиот.
Во прилог следи целата прес конференција од Левица.