Левица реагира за уште два скандалозни договори помеѓу општина Карпош и Спасов
Откако пред три дена политичката партија Левица во реакција до јавност објави податоци од склучен Договор за консултантски услуги помеѓу општина Карпош и Агенција Рејтинг СП-М, тие денес повторно реагираа за уште два вакви склучени договори со оваа агенција на чие чело стои Никола Спасов.
Првиот договор за кој реагираа од Левица е за прес клипинг и жителите на општина Карпош ќе ги чини 245.322 денари. Заедно со овој договор, како што стои во реакцијата, Богоев склучил три договори со Агенција Рејтинг СП-М за сомнителни услуги во вкупен износ од 815.380 денари.
„Имено, се работи за договори за услуга за спроведување анкета на територијата на Општина Карпош, нешто што може самата општина да го спроведе со едноставни прашања, наместо да троши илјадници евра за ангажирање на агенција. Договорите се склучени со лицето Никола Спасов, кој e син на Ѓорѓи Спасов, поранешен министер за правда, пратеник и генерален-секретар на СДСМ во времето на најцрните транзициски денови. Инаку, Ѓорѓи Спасов е основач на Агенција Рејтинг“, се вели во реакцијата.
Од Левица исто така потсетуваат за скандалозното минато на Никола Спасов, којшто во 2018 година медиумите го поврзуваа со светскиот скандал „Кембриџ аналитика“.
„ За Никола Спасов, медиумите во 2018 година пишуваа дека е поврзан со светскиот скандал „Кембриџ аналитика“, кој се однесува на кражба на лични податоци од над 50 милиони корисници на Фејсбук за политички цели, а е голем поддржувач на функционерите на СДС“, велат од Левица.
Според партијата, не е чудна хистеричната реакција на Богоев и поединци од НГО секторот, кои, како што велат, се покажаа како најголеми гласноговорници за промената на името и се во првите борбени линии во одбрана на криминалното владеење на СДСМ.
За крај од партијата потенцираат дека, Левица не ја води битката со лајкови, туку со факти и докази и навестуваат правна битка, со докази, за расчистување на нерационалното трошење на пари од страна на градоначалникот Богоев.