Снимка на македонскиот уметник Тони Димитров дел од „Пандемиските звучни пејзажи на Европа“

Делото на Тони Димитров, уметник и радио водител во Канал 103, беше дел од меѓународниот проект „Пандемски звучни пејзажи – звуци низ Европа за време на пандемијата со коронавирус“.  Се работи за композиција која содржи 21 снимка од 17 европски земји, направени меѓу март и мај 2020 година при првите карантини.

За Радио МОФ тој изјави дека се работи за проект како дел од изложбата ‘History in the Making: Documenting Covid’ на музејот House of European History од Брисел, кој имал за цел на различни начини да го отслика периодот на карантинот низ Европа, а Димитров се вклопил во звучниот дел. Тој нагласува дека главната цел на истражувањето било да се лоцира влијанието на карантинот (локдаунот) врз европските звучни пејзажи.

„Можеа да се чујат работи на кои обично не обрнуваме внимание. На пример, звукот кој ве опкружува во вашата непосредна околина, а несвесно го игнорирате; или пак звукот кој можеше да се чуе околу нас кога градската врева беше стишана, како на пример звукот со кој изобилуваше мојот двор каде претежно го поминав затворањето и ја направив теренската снимка. На покана на звучната артистка Maра Марацинеску од Романија и неколку други саунд артисти од различни земји го отсликаа звучниот пејзаж од нивната околина, за сето тоа да биде споено во оваа звучна композиција или ‘карантински’ звучен пејзаж“, објаснува Димитров.

Димитров е член на Централниот Комитет на Левица, планинар, комуниколог, продуцент во „Post Global Trio“ и сопственик на македонскиот музички лабел „Post Global Recordings“.