СДСМ и ДПМНЕ спремале коалиција уште пред „27 април“
Поранешниот министер во владата на Груевски, Никола Тодоров, кој во периодот на владеењето на ДПМНЕ предводено од Никола Груевски, покрај тоа што беше долгогодишен министер за здравство, извршуваше и повеќе партиски функции во партијата, вчера на рочиште за настаните од „27 април“, се појави како сведок.
Интересно е да се забележи тоа дека со вчерашната изјава на рочиштето, Тодоров ни откри дека всушност владеачките елити предводени од ДПМНЕ и СДСМ, пред настаните од „27 април“, биле во преговори за коалиција.
Ова прв пат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО – сведочеше Никола Тодоров.
Инаку Тодоров, поради неговите резултати во здравството како министер во ова министертсво, познат е по пежоративниот прекар „министер за смрт“, кој му беше доделен токму од страна на опозициската партија од тој период – СДСМ.
Тодоров, веднаш по настаните од „27 април“ поднесе оставка од пратеничката функција со изговор дека сакал да се посвети на неговата основна професија како адвокат, и дека на тој начин сакал да придонесе кон партијата. Но, потоа подолг период беше отсутен од јавноста за во последно време да го гледаме се’ почесто во улога на апологет на владата предводена од СДСМ и ДУИ, а според неодамнешни информации, кои се појавија во медиумите тој бил ангажиран и како советник на моменталниот министер за здравство од СДСМ, Венко Филипче.