Апасиев побарал оштета како прислушуван во случајот „Тврдина”
Од политичката партија Левица соопштија дека претседателот на Левица, Димитар Апасиев вчерa на покана на Основен кривичен суд – Скопје, во својство на оштетен доставил писмена изјава во врска со незаконското следење на лични комуникации. Како што најавија од партијата, станува збор за кривичниот предмет КОК бр. 47/17, во јавноста познат како „Таргет – Тврдина“ каде осомничени се поранешни функционери, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
„Со оглед дека од т.н. Специјално јавно обвинителство (СЈО) добив потврда за незаконското следење на моите комуникации, го известувам Судот дека се чуствувам за оштетен поради незаконско следење, т.е. прислушкување на моите телефонски разговори за подолг период“, стои во изјавата на Апасиев.
Исто така, доколку по постапката пред Судот се утврди одговорност и на давателот на телекомуникациските услуги (ONE/VIP/A1), чиј корисник е Апасиев, и врз кој телефонски број незаконски е применета посебна истражна мерка за илегално следење на лични комуникации, тој предјавува оштетно побарување и од компанијата за штетата што ја има претрпено.