Левица ќе ја повика главната антикорупционерка пред Собрание
Од политичката партија Левица денес реагираа дека Антикорупциска Комисија веќе две години одбива да отвори предмет за случајот со вработувањето роднини во М-НАВ од страна на актуелниот вицепремиер за борба против корупција – Љупчо Николовски. Од таму најавија дека поради континуираното непостапување на оваа Комисија, Левица планира да ја повика претседателката Билјана Ивановска да одговара пред Собранието.
Во реакцијата до јавноста тие потенцираат дека компанијата надлежна за воздухоплоство е претворена во партиско биро за вработување на роднини на високи функционери, додека како што велат од Левица, секоја нова влада си назначува свои послушници и блиски лица за плати над петкратно поголеми од просечната. Од Левица додаваат дека во оваа компанија и претходно биле вработувани роднини на пратеници и директори, како и роднини на поранешниот министер Горан Сугарески, додека за претседател на УО на М-НАВ бил поставен Николче Тасески, зет за сестра на министерката Рената Дескоска.
„Иако и од самиот Синдикат претходно апелираа дека за систематизацијата на работни мести воопшто не се консултирани и вработувањата се вршат по нарачка, Антикорупциската комисија предводена од Билјана Ивановска две години нема отворено ниту еден случај за спорните вработувања и сомнежи за непотизам во оваа компанија – задолжена за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.
Децениското недомаќинско работење со државните компании, цедењето државни пари, како и поставувањето нестручни кадри по пат на непотизам придонесоа за катастрофален квалитет и реализација на јавните услуги поради што сведочиме најави за приватизација на голем дел од државните претпријатија кои беа вештачки донесени во долгови и неликвидност од корумпираните власти.
Непостапувањето и инертноста на Антикорупциска комисија во повеќе наврати, како и чувањето на предмети во фиоки, експлицитно покажува дека во Македонија не постојат никакви контролни механизми над режимот на Заев и сите институции се окупирани од самоволието и криминалните политики на владејачкиот естаблишмент. Доколку оваа комисија продолжи да биде соучесник во скандалозното работење на ваквата криминогена структура, Левица не ја исклучува можноста претседателката Билјана Ивановска да биде повикана своето (не)работење да го елаборира во Собранието на Република Македонија пред народните избраници.” – се наведува во реакцијата на политичката партија Левица.