Вистинската штета доаѓа од милионите луѓе кои сакаат само да “преживеат”
„Вистинската штета доаѓа од милионите луѓе кои сакаат само да “преживеат”. Од чесните луѓе кои сакаат само да бидат оставени на мира. Оние кои не сакаат нивните мали животи да бидат вознемирени од нешто поголемо. Оние кои не заземаат страни и кои немаат каузи.
Оние кои не сакаат да направат бучава – или непријатели. Оние за кои слободата, честа, вистината и принципите се само празни зборови. Оние кои живеат површно, се дружат површно, умираат површно. Тоа е редукционистички пристап кон животот: колку е помал сопствениот живот, толку е полесен за контролирање. Ако не направите бучава, вампирот нема да ве пронајде.
Но, сето тоа е илузија, бидејќи и тие умираат, оние луѓе кои ги завиткуваат своите души во мали, ситни топчиња за да бидат безбедни. Безбедни?! Од што? Животот е секогаш на работ на смртта; тесните улици водат до истото место како и широките патишта. И мала свеќа ќе догори исто како и огнен факел. И јас го избрав својот начин на кој ќе горам.”
Софи Шол е антифашист, којa како студентка во Германија, херојски им се спротивстави на нацистите. Додека студирала во Минхен, таа заедно со нејзиниот брат Ханс и неколку пријатели, формирале ненасилна, антинацистичка група на отпор, наречена Бела роза.
Групата спроведувала кампања со делење летоци и пишување графити за да ги повика своите германски сограѓани да се приклучат кон отпорот против нацистите. Во 1943 година, Шол и другите членови на движењето Бела роза биле уапсени од Гестапо за дистрибуција на летоци на универзитетот во Минхен каде студирала, по што била затворена.
По судењето на 22 февруари 1943 година, Шол, нејзиниот брат Ханс и нивниот пријател Кристоп Пробст, сите сликани на фотографијата, беа прогласени за виновни за предавство и осудени на смрт.
На нејзиното погубување само неколку часа подоцна, Шол ја дала последната изјава: „Како можеме да очекуваме да надвладее праведноста кога едвај има некој што сака да се предаде индивидуално во праведна кауза. Таков убав, сончев ден, а јас морам да одам, но што е важна мојата смрт, ако преку нас се разбудат илјадници луѓе и се активираат на акција? “